Можеби треба да се запомни дека животот се состои од мали напори, од одење чекор повеќе нанапред. Во дотерување на деталите. Во прифаќање на неуспесите, во уживање во постигнатото. За да го направиме животот подобар. Да им угодиме на блиските и да уживаме во тоа. Инаку, може лесно да се претвориме во влекачи, оставајќи ги своите јајца на туѓо пораѓање, менувајќи ја кожата без особено оправдание, не од навика туку од желба да се вклопиме, да бидеме мимикрични.
Не треба да се запоставува искреноста со себе. Секако дека прашањата колваат во нас и ни го нарушуваат секојдневниот вообичаен ред на нештата. Но, ако ги оставиме да потонат доволно длабоко низ нас, колвањето ќе си го најде својот плен, еден по еден ќе ги откопува длабоко запретаните неуспеси, ситни и крупни, а после само ни останува да се соочиме со нив, да ги преџвакаме со сласт, да ги исплукаме бајатите отрови и да дишеме полесно, поведро.