Пливање

159
160
161
162
163
164
165
166
167
168
169
170
171
172
173
174
175
175
176
177

Влеговме во Будимпешта два дена потоа, орни и весели. Во тоа време, таа 1990-та, за Унгарија бевме богаташи. Со ситна пара цел ден се врвчевме по кафани и музеи. На Ваци доручкувавме кавијар. Никогаш порано немав пробано кавијар. Ми асоцираше на шампањ и богатство. На многу пари. А бидејќи, како што е познато, пари немав, кавијарот ми беше чкртнат од менито, сите изминати 2о години од мојот живот. Сега, на Ваци, најпознатата улица во Пешта, Турчинот, Марс, јас и уште неколку луѓе од Македонија, појадуваме кавијар и се перчиме. Барем мене ми се чини дека јас се перчам. Убаво потпечени лепчиња, путер и сите останати мастрафи. И малку вотка, да го почнеме денот. Смрзната Столичнаја. Едно шише од половина литар. Лизгаше.

Поминавме преку мостот со лавовите рано попладнето и се расшетавме низ Буда. Па се вративме во Пешта, преку некој друг мост. Па повторно назад. Како сколовранци во пролет. Пешта ми се допадна на прв поглед. Ретко ми се случува тоа со градовите, но навистина беше убава. Есенското сонце беше пријатно, Дунав носеше свеж ветар, по малите плоштади седеа и се шетаа мал милион луѓе. Девојките не носеа градници. На сите страни гледав убави девојки без градници, во лесни кошули и маички, опуштени и проклето свесни за својата убавина. Имаа многу откачен декор за таа нивна променада: стари, империјални згради. Зданија со високи столбови, накитени балкони. Обрабени со бетонски филиграни. Високи прозорци. И по некоја инаква. И тие згради беа добри, инаквите.
Во Буда, најдовме мал парк близу над реката. Во паркот имаше голем, совршено заоблен камен. Личеше на џиновска црно-сива топка. Седнав на каменот и гледав во реката. Цел ден ја преминував, но дури сега ја загледав. Прекрасна, голема река. Какви ли е кога не е оградена со кејови, си мислев. Некаде далеку, спроти течението, видов зелен остров. Ми се чиниеше дека наѕирам и некакви градби на него. Нешто се белееше таму, во секој случај. На крајот, зјапнав во небото. Тоа ме здрви. Буквално се сепнав. Сум видел отворени неба, но после сите километри тоа лето и шетањето по улиците и плоштадите на градот попладнето, небото ми се виде отворено како ниедно порано. Беше ишарано со остатоци од пердувести облаци, беше сино и му ја видов длабочината. Седев на каменот, пушев и зјапав нагоре. Ми заиграа прстите на десната дланка. Напишав песна. Небо. Моето прво небо во Будимпешта.

2018-08-21T17:20:41+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 100|