Пливање

159
160
161
162
163
164
165
166
167
168
169
170
171
172
173
174
175
175
176
177

Во 22:оо ја исклучив миксетата, ја зедов торбата и касетофонот дискотечен, Снежана го зеде шишето и тргнавме. Го поздравивме Божа во фоајето и продолживме кон павиљонот.
Таа ја отклучи собата и влеговме внатре. Ги отвори прозорците, јас го вклучив касетофонот и избрав касета. Ј.Л. Хоокер, ‘ Лет’с Го Оут Тонигхт. Погледнав кон небото. Немаше месечина. Ја затворив вратата. Таа стоеше на средината на собата. Во собата имаше два кревети, маса со два стола и лавабо. Ја бакнав. Ми возврати и тргна кон вратата. Молчев. Се прашав како се чувствувам. Не чувствував ништо особено. Бев смирен.
– Морам да одам – рече со дланката на кваката.
– Зошто?
– Сите видоа дека доаѓаме заедно наваму.
– Океј. Ќе се видиме утре.
– Може да те разбудам?
– Да, баш би било фино.
– Ќе дојдам рано.
– Дојди.
Се врати кај мене, бакнежот траеше долго и потоа ја затвори вратата зад себе. Јас легнав на креветот, потегнав од шишето и се вслушав во Блуесот. На масата видов кутија цигари. Ги оставила за мене, помислив и додека палев една ја отворив вратата. Еден жолтокос стоеше од другата страна и се сепна. Го погледнав, тој замина низ ходникот и влезе во една врата. Во ходникот имаше уште луѓе и сите ме гледаа испитувачки. Момчиња и девојки. Бевме врсници, отприлика. Ходникот делуваше запуштено: ѕидовите беа посивени и пожолтени од времето и не можеше да се каже која била нивната боја порано. Ходникот беше долг и на секои 5-6 метри имаше по една слаба гола светилка. Жолтилото и сивилото си го имаа најдено својот дом. Светилките беа толку слаби што можев да ги видам жиците во нив. Се вратив во соба¬та. Вратата остана отворена. Од надвор се чу џагор. Српскохрватски со чуден акцент. Босанци, си реков и ја засилив музиката. Жолтокосиот се појави на вратата. Стоеше и ме гледаше. имаше насмевка во очите.
– Влези – му реков.
Влезе и седна на еден стол. Го понудив со ракија. Отпи и ми го врати шишето.
– Како се викаш?
– … Вампир – реков.
– Вампир, хахаха! – и потегна од шишето.
– А ти?
– Суад.
– Здраво Суад.
На вратата стоеја уште неколку момчиња и девојки.
– Ова е Вампир – рече Суад.
Тие се смееја.
– Од каде доаѓаш, Вампиру? – праша некој.
– … Од гроб – реков.
Тие повторно се насмеаја. Ги викнав внатре и станав од креветот.
– Седнете на овој. На другиот ќе спијам.
Шишето сврте еден круг и дојде меѓу мене и Суад. Потоа, и тој се повлече. Останавме јас и Блуесот. Во меѓувреме, тие ми ги кажуваа нивните имиња. Сите беа од Бихаќ. Помислив на Џоле и на нашата вечера во Бихаќ. Чудно како работите се поклопуваат, помислив, и ги прашав што прават во Белград. Работна акција, рекоа тие. Помислив Зар уште постојат тие срања, но ништо не им реков. Пиев уште некое време, некој побара да се смени музиката. Им реков дека јас сум диџеј во собата. Некој ја спомна дискотеката. Не ги пуш¬тиле да влезат, а толку многу сакале да танцуваат. Токму така рекоа – да танцуваат, плесати. Тоа ми дојде мило.
– Дојдете утре и речете им дека сте мои гости.
– Што пиеш, Вампиру? – праша Суад.
– Вотка, кога ја има.
– Добиваш утре една од нас.
– Нема потреба, им реков.

2018-08-21T17:20:41+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 100|