ЛИРСКИОТ СУБЈЕКТ ОД АНИМАЦИЈА ДО BOOK ART

/, Литература, Блесок бр. 152/ЛИРСКИОТ СУБЈЕКТ ОД АНИМАЦИЈА ДО BOOK ART

ЛИРСКИОТ СУБЈЕКТ ОД АНИМАЦИЈА ДО BOOK ART

Моето досегашно поетско искуство ме учи дека вистинската поезија е свест за онаа скриена тајна, многу значајна и до крај неодгатлива смисла на животот, понирање во оној ред на нештата што се наоѓа некаде длабоко закопан под хаотичноста на појавните облици. Таа е предизвик за патување во неизвесноста, кон непознатото, таа е клуч што ги отвора вратите на оној чудесен свет кој ако веќе еднаш во него се навлезе може да нѐ доближи, да ни ги објасни и да ни ги направи прифатливи суштинските прашања на времето во кое конкретно живееме, и на времето во кое животот како таков се одвива и тече. Од ова пак произлегува дека поезијата не е, ниту може да биде чисто, или само естетско доживување, дека таа е истовремено и конкретен активен однос и етички став кон битните проблеми на живот, па според тоа таа е и свест и совест во една интегрална естетска целост.

 

Ацо Шопов. „Поезијата е предизвик за патување кон непознатото“ [разговор со Тодор Чаловски]
Во: Културен живот, 4-5/1982, 41-43.

 

Ликовниот израз, т.е. сликата сфатена како еден аспект на креативна рецепција на уметничкото дело, сведочи за вечната дијалошка нишка меѓу визуелните и останатите видови уметности. Во случајот со графичкото издание Небиднина, кое Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски го креираат според избор од поезијата на Ацо Шопов, визуелната трансформација на лирскиот израз мобилизира неколку интерсемиотички позиции што го разложуваат суштинскиот однос вербално – визуелно како фузија меѓу поезијата (текстот) и сликата (илустрацијата/цртежот/анимацијата), преиспитувајќи ја со тоа древната дефиниција за поезијата како „слика која говори“ и определувањето на ликовното како „поезија што молчи“.

Од гледната точка на трансмедијалната и синкретичка креација, настанувањето на графичката книга Небиднина се објаснува во перспектива на една сукцесивност која поаѓа од визуелното осмислување на омнибусот анимирани филмови продукциски заокружен со истиот наслов, а обете интермедијални целини својата заедничка креативна претпоставка ја црпат од творештвото на Шопов, препознаено како наратив што е податен за преобликување на референтните лирски конвенции во разновидни техники на визуaлизација и анимација. Со други зборови, и графичкиот омнибус и омнибусот анимирани филмови Небиднина претставуваат креација раководена од визијата, од сензибилитетот и од силното љубопитство за поезијата во ерата на доминација на визуелното. Ова љубопитство кај споменатите автори се реализира, пред сѐ, како избор и идентификација на исказниот субјект на лирското, кое се преточува во визуелен наратив, за на крајот да се вдоми во медиумот на анимираниот филм. На тој начин, разновидниот третман на исказноста на лирската песна ја обезбедува нужната дистанца за двојна интерпретација која се остварува и како идентификување на лирскиот субјект во поезијата на Шопов, и како негово ново и оригинално кодификување во медиумот на анимираниот филм, а потоа и во оваа графичка книга.

 

Тука е тој оган под овие улави води…

 

Симболичко-метафоричкото преобликување на поемата „Долго доаѓање на огнот“ во анимираниот филм на Жарко Иванов го насочува вниманието кон феноменологијата на инспирацијата како флуидно и сугестивно разоткривање на митски таинственото лице на огнот. Фрагментирањето на проблемот на егзистенцијата како метафизичка инстанца во овој потфат е осмислено во монохроматска цртачка техника како бела фигурација врз црна заднина анимирана во традиционална 2Д техника. Изборот на кружната форма како доминантен визуелен облик во анимацијата на Иванов се верификува како стремеж кон совршенството, а со тоа и како една од исконските пораки на духовноста што е блиска до мрачниот хераклитовски радикализам: Светот е невина игра на огнот којшто низ времето гради и урива. Огнот што кај Хераклит сјае како вечно начело, мера, подлога, и којшто во поезијата на Шопов трепери како цикличен обрат на духот, т.е. на инспирацијата, ја наоѓа својата реплика во овој анимиран филм како израз на личното доживување на копнежот да се раѓа, да се создава и да се настанува во убавина наспроти копнежливото настојување на смртната природа да стане вечна и бесмртна.

 

Додека под себе копаш над тебе тој ќе се јави

и една мртва глава на рамо ќе ти стави.

 

Огнот низ краишта тајни заслепен ќе те носи,

и нема да се прашаш каде си, кој си, што си.

 

Овде е, во овој корен, во овој молк што свети

и нема својата светлина никогаш да ја сети.

 

Тој на секое дрво со секој мртов виси.

Тоа сме ние. Тоа сум јас и тоа си ти.

 

И кога таков личи на глас што сам се гаси,

од некоја вишна глува повторно ќе ти се гласи.

 

     Се случи тоа една ноќ

     вистинито и невистинито

     налик на старинска приказна

     закопана длабоко во свеста.

 

АвторДарин Ангеловски
2024-01-28T12:58:21+00:00 јануари 20th, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 152|