Двојната визура на писмото

/, Литература, Блесок бр. 152/Двојната визура на писмото

Двојната визура на писмото

(Кон Книжевен бинокулар од Соња Стојменска Елзесер, Скопје, Институт за македонска литература, 2022)

 

На почетокот беше насловот. Википедија е јасна: бинокулар, тоа е микроскоп со два објектива, и два окулари или леќи, со цел да овозможи различен агол на гледање со левото и со десното око. На овој начин, за разлика од обичниот окулар или телескопот, бинокуларот овозможува тридимензионална претстава за виденото, т.е. дава чувство за многу поголема длабочина на погледот.

Зошто авторката Соња Стојменска Елзесер го дала токму овој наслов на својата најнова, седма по ред книга од областа на критиката и есеистиката? Затоа што таа, освен што е книжевна критичарка и теоретичарка, воедно е и компаратистка, која не верува во еднодимензионални пристапи кон книжевноста и чија перспектива е најмалку двојна, ако не и повеќекратна, не признавајќи затворени граници за јазиците, нациите, културите. Ете затоа бинокулар, затоа што Стојменска-Елзесер, како и секој искрено љубопитен истражувач и проследувач на убавата литература, многу добро знае дека книжевните појави немаат само едно лице, исто како што и во ставовите за книжевноста нема вечни, засекогаш утврдени вистини, туку дека е секој став подложен на сомнеж, на преиспитување, на повеќекратна, или најмалку на двојна визура. Возбудата е бездруго во контрапунктуалноста, во размената на мислењата, во промената на оптиките и во отвореноста кон непознатото и различното.

Бинокуларот тука е присутен и во структурна смисла. Од рецензентите на оваа критичка книга веднаш беше препознаена структурата на диптихот, кој како стамено двојство истрајува во нејзината содржина: книгата ја сочинуваат дваесет и две статии подредени во единаесет поглавја, така што секој наслов се осмислува преку два текста, ни помалку ни повеќе од тоа, создавајќи диптих. И така, понудени се статии за два Проекта, две Беседи, две Паралели, две Навраќања, два Контексти или две Дилеми. …

Критичките интереси на Соња Стојменска Елзесер се движат на неколку рамништа, настапувајќи внимателно во однос на премногу експлоатираните теми, но третирајќи ги сите нив во нагласено компаратистички клуч или метод. Да наброиме само некои од нив: предизвиците на компаратистиката како наука, споредбените критички анализи на одделни книжевни фигури и појави, начините на обновување на оваа дисциплина и нејзиното проникнување или пресек со културологијата, традуктологијата, геокритиката, родовите или постколонијалните студии, интермедијалноста и сл. Следствено на тоа, нагласен е и интересот на критичарката за некои секогаш горливи општествени теми и дилеми како што се: националниот канон наспроти космополитизмот, книжевно-естетската вредност наспроти комерцијализацијата и консумеризмот, контроверзната но важна улога на малите народи во градбата на светскиот литературен процес, трансформациите и иднината на хуманистиката како дисциплина и сл. Поспецифично, конкретен предмет на експертиза на авторката во одделните статии се жанрот на биофикцијата и различните начини на неговото конципирање, фланеризмот и книжевната географија, архивирање и дигитализирање на националната книжевна меморија, критичко гледање на поимот евроцентризам во контекст на промислување на темите како европски културен простор, европска книжевна историја, европски културни политики и сл.

Меѓу прашањата што таа ги покренува и ги дебатира низ секогаш двојната оптика на својот критичарски поглед се и оние поврзани со навраќања кон стожерите на македонската литературна традиција, но и внимателно следење на некои од најновите и најсвежите поетски писма. Така плејадата имиња кои се предмет на нејзината анализа тргнува од Коста Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Матеја Матевски, преку Гоце Смилевски, Владимир Јанковски, сè до Јовица Ивановски и Ива Дамјановски, анализирани сами по себе или во контрапункт и паралела со многубројните странски имиња, најчесто од српската, турската или чешката книжевност.

За разлика од нејзините претходни критичко-есеистички книги, во оваа се забележува нагласена еволуција, видлива во способноста на Соња Стојменска Елзесер за воопштувања, контекстуализации, храбро изнесување на погледите за низа актуелни состојби и сè почести синтези. Зрелоста на нејзиниот критички израз, творечкото созревање, институционалните позиции на кои се нашла и се наоѓа авторката, пред сè функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија во изминатиов период, но и секојдневната научно-едукативна практика и размена на сознанија со колегите и студентите, сето тоа придонесува таа постојано да го надградува, но и да го преиспитува своето критичко писмо, изложувајќи ги своите сознанија во споменатата компаратистичка визура, двојна и повеќекратна.

На места добиваме впечаток дека Стојменска-Елзесер повторува некои стари вистини, но никогаш доволно повторени, барем што се однесува за нашиве културни  простори. Така, таа умее храбро да се искаже против онаа ирационална лустрација на Славко Јаневски, при што не пропушта да потсети на потребата за неприкосновено почитување и негување на стожерните национални книжевни вредности од страна на новите генерации. И самата вредност е доста честа тема во нејзините текстови, оти, нема критика без вреднување, вели таа, пледирајќи на тој начин за моделот на т.н. аксиолошка критика, надоврзувајќи се на ставовите на некои нејзини учители и претходници. Градењето на хиерархијата е тешка задача за критичарот, додава авторката, но неизбежна, исто како и враќањето на сјајот на самите книжевни награди, кои толку често умеат да ни изгледаат нереални, депласирани, па дури и непризнаени од пошироката јавност. И сето ова си наоѓа природно и соодветно место во ова критичарско писмо, оти, некои работи, нели, се чинат речени, а сепак треба одново да се речат.

Статиите во книгата Книжевен бинокулар кријат и други читателски провокации, како што се оние посветени на тајните на книжевниот превод, на македонската народна еротика, на пандемиските дневнички записи и многу, многу други. На ова место може само да посакаме на слични провокативни теми авторката да се навраќа и во иднина, да ги елаборира и да ги преиспитува во некои нови критичко-есеистички книги, расветлувајќи ги повторно од најразлични агли и секако во духот на двојната или повеќекратната визура на нејзиното препознатливо критичко писмо.

АвторАнастасија Ѓурчинова
2024-01-28T12:59:54+00:00 јануари 20th, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 152|