ЛИРСКИОТ СУБЈЕКТ ОД АНИМАЦИЈА ДО BOOK ART

/, Литература, Блесок бр. 152/ЛИРСКИОТ СУБЈЕКТ ОД АНИМАЦИЈА ДО BOOK ART

ЛИРСКИОТ СУБЈЕКТ ОД АНИМАЦИЈА ДО BOOK ART

Визуелната објективизација на поемата „Небиднина“ во анимираниот филм на Иван Ивановски се надоврзува на бројните искажани толкувања за поетската слика и смисла, кои Шопов ги вградува во самиот збор, во песната, и, воопшто, низ целата негова поетска збирка. Толкувањето на она што тука е именувано како невозможно и како нешто коешто не може да се постигне смислено ја одбира метафората како средство за премостување стварности од род во вид. Оваа исказна енергија доаѓа до најголем израз тогаш кога има намера да ја објективизира парадоксалната логика што го соочува творештвото со сопствената немоќ – т.е. со слабоста да го опфати и да го искаже сето богатство и сета сложеност што го содржи тоа. Во тој поглед, поетското анимирање на смислата на бидувањето преку акварел цртеж во 2Д анимација додава нова толковна содржина кон поетската визија на Шопов, која Ивановски преку ритамот на чекорот и движењето на фигурацијата ја доведува во врска со осамата што му прилега на единакот и на неговата свест за несоопштливиот блесок на душата.

 

Патував долго, патував цела вечност

Од мене до твојата небиднина…

Исплашен и страшен
стојам под небото на твоето тело
од твоите црни магии вџашен

 

Анимираниот филм „Во сонот на црната жена“ на Владимир Лукаш е изведен во комбинирана техника на цртеж и стоп анимација и е осмислен во слободата својствена за интерпретацијата на хипнографскиот запис или мнемоничката трага. Ваквиот приод директно го преиспитува степенот на синкретичност меѓу поетската предлошка (текстот) и сликата (визуaлизацијата/цртежот/анимацијата) што произлегува од неа според две толковни претпоставки. Едната насочена во сферата на веројатното, односно во поимањето на нештото коешто се содржи во повеќе нешта, но не апсолутно, туку во однос на она што може да биде и поинакво одошто е, и другата како целосна спротивност на првата, како (верно) придржување кон знаковните, симболичките, идејните и сите други останати елементи на делото од кое произлегува анимираниот филм, односно од она што е. Визуелната реторика на анимираниот филм „Во сонот на црната жена“ оди во прилог на првата претпоставка – како можност авторот да ги искаже сопствените фикции, визии, илузии и стравови, да го сонува сонот на црната жена како што го сонува сопствениот сон, и со тоа да го изненади гледачот на начинот на кој поетот Ацо Шопов го изненадува читателот кога, по своето враќање од Сенегал, со стихозбирката „Песна на црната жена“ ги средува своите впечатоци не толку од Африка, колку од својата татковина.

Ти ме разболуваш и ти ме лекуваш,
и ми велиш: јас сум твоја ноќ и твоја вечна луна,
биди спокоен, тука ќе векуваш,
мојот сон е пострашен и од најстрашната буна.

 

Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

 

Песната „Грозомор“, со која Шопов го естетизира катастофичното искуство што го доживува Скопје со земјотресот во 1963 година, ја наоѓа својата обработка во филмот на Крсте Господиновски преку комбинираната техника на тајм лапс и стоп анимација. Изборот да се направи кукла од органски материјали како објект-фокус на анимираниот филм кореспондира со основната намера на режисерот – преку визуaлизација на распаѓањето, гниењето и празнината што овие процеси ги оставаат зад себе да ги прикаже руините на животот. Ваквиот приод обезбедува мошне цврста асоцијативна и сугестивна врска со други примери на „визуaлизирани“ трауми од светската историја на природните катастрофи, какви што се, на пример, шупливите сведоштва за физичките тела на некогашните жители на древната Помпеја. Повторното отелотворување на овие „празни места“ како одливки исполнети со лапили, пепел и прав естетски е мошне блиско на фигуративниот дизајн што го осмислува Господиновски во својот краток анимиран филм, а преку него и до поетските слики вградени во стиховите на почетната и завршната строфа од песната „Грозомор“:

 

Тука се раѓаат и гаснат сите нешта.

Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.

Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.

Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

 

Визуелната трансформација на поетската визија на Шопов во омнибусот анимирани филмови Небиднина претставува авторска контекстуализација на сосема нови и поинакви светови во однос на поетските предлошки од кои произлегуваат делата на Иванов, Ивановски, Лукаш и Господиновски. Обиколувајќи околу значенските рамништа на песните „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“, оваа условно наречена анимација на потсвесното сега стапува во синергија со печатот вообличувајќи ги авторските визии во обликот книга како графички омнибус, осмислен во духот на она што денес се подразбира како Book art. Ваквиот концепт за книга остварен како систем на идеја, форма и структура го населува лирскиот дом на поетот Ацо Шопов со чудесна оптичка хармонија и нови значења.

АвторДарин Ангеловски
2024-01-28T12:58:21+00:00 јануари 20th, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 152|