ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА РЕВОЛУЦИЈА

/, Литература, Блесок бр. 152/ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА РЕВОЛУЦИЈА

ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА РЕВОЛУЦИЈА

Нова оикономија на односите: блискиот и егзистенцијалниот пресврт.
Како да се филозофира според Кјеркегор (воведна реч)

Егзистенцијална револуција
За Вацлав Хавел

Нека оди!
Опуштено

Примож Мартин Репар
Во спомен на Миклавж Оцепк (1963 – 2005)

 

Долго размислував како да го започнам овој вовед, кој би поттикнал подлабоко внимание кон целокупната тема, која си ја зададе нашиот симпозиум. Тема што не ја посветуваме само на споменот на Кјеркегор, туку и на предизвикот од самата негова мисла, која кај секого од нас посебно би инспирирала не само познавачи и истражувачи на неговата мисла, како на пример, филозофи, теолози, писатели, итн., или само интелектуалци, туку и конкретни живи поединци, на кои не им е сеедно за судбината на светот во кој живееме. Се чини како врз разурнувачкиот свет да има паднато тешка завеса на бездушнo робување на безизлезноста. Како животот да запрел, како да се предал на (социјалната) безобѕирност, која сѐ повеќе и повеќе е во спротивност со (приватниот) живот. Како да надвладеало коруптивното постоење на секој чекор, во секоја точка од реалноста. Човекот од групата/масата е очаен поради димензиите на ова постоење, не може да се преобрази, па затоа најчесто станува оружје во рацете на сродните фундаментализми од еден или друг вид.

Живиот свет е свет во движење, живеењето е секогаш во настанување. Кјеркегор овде ја прифаќа Аристотеловата дефиниција за kinesis како она што ги обезбедува движењето и промената, менувањето на формацијата и менувањето на транзицијата кон егзистенција. Таа егзистенција е секогаш во криза и тоа го овозможува дијалогот со современата мисла. Ако ја прифатиме сугестијата на Кјеркегор дека транзицијата истовремено е и индивидуална, но и универзална, па оттука и двојна, тогаш токму таа трансисторичност ја овозможува историската слобода. Дарот на слободата, кој е трансцендентален подарок, не би бил возможен доколку не би подразбирал квалитативно сфаќање на егзистенцијата, доколку не би бил поврзан со логиката на внатрешноста, anakron. Универзалното начело е единствен и индивидуален повик, кој во рефлексијата на „општочовечката внатрешност“ му зборува секому, кој има храброст и способност да чуе.

Тоа движење, тоа менување не можеме да го претпоставиме бидејќи историската егзистенција е секогаш незавршена активност. Затоа темелната улога на поединецот (single individual) е единствено, а истовремено и општествено битие, кое постојано нѐ охрабрува да носиме одлуки. Но, дали го препознаваме повикот да им се спротивставиме на силата и моќта на „невидливиот тоталитаризам“? Дали знаеме да бидеме во жив полемичен однос спрема сопствената ера? И каква квалитетна промена може да му донесе на битието полемичноста како гест на skadalon? Дали е тоа само квалитативна промена, скок во „ново постоење“, каде што се случува фрикцијата помеѓу kinesis и krisis?

Како да се сочува љубовта, како самоевидентна добродетел, а во исто време фокусот да остане на хомогенизирачката логика на тој „систем“? Тука сме препуштени на сопствената одговорност, таму каде што нема ништо при рака и каде што „треба да се дејствува спротивно“ од востановените очекувања. Секако само под услов ако не се воздржуваме да дејствуваме, ако зад себе го оставиме застојаното, кое ја замаглува и ја спречува комуникацијата.

Со егзистенцијата во криза, со светот во криза, нема ништо суштински погрешно, сѐ додека не се препуштиме на неодговорноста, која го зазема животниот простор на нашиот свет, додека не превладеат затвореноста и застојаноста на околината, која нѐ сообликува и во која самите соучествуваме дури и преку неактивено имитирање на „другите“. Во тој случај, ја одбиваме комуникацијата, ги избегнуваме и личните и општествените телемни односи.

Ова се случува кога се отклонувам од себеси каков што сум и се прифаќам само на апстрактен начин  и некритички ги прифаќам социјалните ролји. Во овој случај, радикално го избегнувам односот со себеси, ја укинувам одговорноста кон себеси и кон другиот (како различен). Станувам анонимен и атомизиран поединец (single individual), човек од масите, врз кого лесно се наметнува моќта и со кого лесно се манипулира. Затоа мора да си го поставиме прашањето, која е личната одговорност на поединецот (single individual) денес?

АвторПримож Репар
2024-01-31T09:22:48+00:00 јануари 20th, 2024|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 152|