ПОПРВО БИ ПУКАЛ
Зошто кладата била
секогаш на главниот плоштад?
Бесилките на најпрометните улици?
Смртта треба да се види, да долее страв,
да мавне со предупредувачкиот показалец
како телата што се клатат на ветрот.
Да предупреди, стутка, замолчи.
Да потклекнат, да им врзе црн
превез над очите.
Да им го стави показалецот
над усните за да не писнат.
Било и ќе биде, диктирано од
диктатори, во политички цели.
Но оние, воајерите и садистите
(дури и блиските на убиениот)
кои во ложа, во живо ја следат
егзекуцијата на осуденикот,
уште два живота нема да ги сфатиш.
Попрво би бил дел од стрелачки вод,
од кој само еден од петтемина
има вистински куршум.