И ЗА КРСТЕЊЕ
ТРЕБА ВЕЖБАЊЕ
Лепливо е небото
околу Крстот на Водно.
Една птица (со раширени крилја)
само што се обиде да го прелета,
но одеднаш ја снема – се залепи
или, можеби, се удри во него?
Магична е силата на крстот.
Привлекува разни животински
видови и милијарди празноглавци.
Најсмешни ми се оние кои се крстат
секогаш кога ќе го видат – на врв на
црква, на ретровизор, на нечиј врат...
Е ним (ко на вампири) цело време
би им го принесувал пред очи.
Па нека се крстат сè додека
имаат раце,
сè додека не им отпаднат.