БЕГСТВО ОД…
Бегство од себе, тоа е поезијата.
Во меѓувреме се бараш – и тоа е поезија.
Ѓубрето на улиците, неонките и тротоарите –
сè е поезија.
Потоа стварноста се распаѓа ко петарда.
Не ги сакаш жижиците зашто искрат
радости што траат прекратко.
Не ги сакаш ни свеќите, ниту
роденденските, ниту надгробните.
Пренакитените песни се ко упадливо
нашминкани курви и ко силувани елки.
Ете зошто поетите (а и непоетите) почнаа
да се палат на едноставноста.
Треба човек да се сокрие од човештвото
за да го пронајде човекот во себеси.
Потоа треба само да побегне
од него, што подалеку.