Ненапишана песна

/, Блесок бр. 77-79/Ненапишана песна

Ненапишана песна

Има обични животи, но сите љубови се необични
Едни поети пишуваат како што живеат
Ноќва, мила моја, пак низ градот шета пламен
Ненапишана песна
Прашалник
Невидливото, љубов, е преполно смисла
Нам повеќе ништо, љубов, освен љубовта не ни преостана
Кога не си со мене во Томај
Слеп беше прозорецот
Се случи среде бел ден

Слеп беше прозорецот. Однадвор најубав
на нашата стара куќа. Со камена рамка
и со камена натстрешница. Однатре
одамна заѕидан. Трагата на внатрешноста на
неговата веѓа беше скриена зад стариот орман
со облека и чевли на веќе одамна умрени. …
Слеп беше прозорецот. … До неодамна.
Кога пак го отворив, се раскри неговиот
чудесен лак и уште поубавиот видик. Како
повторно да прогледа долгогодишен слепец и
го виде она што одамна го заборавил. Круната
на расцутената круша. Лозјето. Младите лози кои
како војници во зелени униформи се наредени
во врста пред првата победа или последниот
пораз. Над нив црвениот покрив и оџакот
од кој кон небото се креваат таинствени букви
чад. Знаците на живот кои се мешаат со таинствените
знаци на облаците кои непрестајно ги менуваат облиците.
Во кои децата препознаваат овци, а старците
волци. … Слеп беше прозорецот. … До
неодамна. Во собата сега повторно влегува мека
светлина на зајдисонцето. И сè позлатува.
Нашата постела и книгите на полиците покрај неа.
И крстовите на железната прозорска решетка. Животот
ни станува поднослива, дури пријатна зандана. Убава
и кога почнува да ја прегрнува мракот. … Ти сјае сè уште
златното лице. Со светлина на неочекуван спомен
го изгонува мракот кој снежи врз страниците на мојата
сè уште ненапишана книга.

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 77-79|