Ненапишана песна

/, Блесок бр. 77-79/Ненапишана песна

Ненапишана песна

Има обични животи, но сите љубови се необични
Едни поети пишуваат како што живеат
Ноќва, мила моја, пак низ градот шета пламен
Ненапишана песна
Прашалник
Невидливото, љубов, е преполно смисла
Нам повеќе ништо, љубов, освен љубовта не ни преостана
Кога не си со мене во Томај
Слеп беше прозорецот
Се случи среде бел ден

Се случи среде бел ден. Седевме
на клупата под процутената јаболкница и гледавме
во калеидоскопот на томајската градина. Неговиот изглед
се менуваше секојпат кога ќе трепневме,
а во меѓувреме се отвораше нов цвет. Бел,
жолт, лилав, син, црвен… Одеднаш тивко
чкрипна или, на јазикот на дрвјата, заплака и
големата стара смоква со својата огромна
круна, чии широки листови со години
го сокриваа срамот на неуредениот ќош зад неа,
пред нашите очи почна да се навалува кон тлото.
Паѓаше полека. Нејзините лисја сè погласно шумеа.
Можеби, дури, и повикуваа на помош, зашто се чинеше
како во длабока бездна да ја турка невидливата рака
на ветрот, иако тоа попладне воопшто
го немаше и сè околу неа беше како на колор-
фотографија тивко и неподвижно. … Се случи
среде бел ден. Се урна големата стара
смоква во градината и остана да лежи на тревата, како
до смрт уморна да спие и во сонот повремено
чкрипнува со забите или неразбирливо прозборува.
Седевме на клупата под процутената
јаболкница и гледавме и ние, тивки и неподвижни.
Долго молчевме. Не знаевме што да кажеме
ниту како да му помагаме на дрвото кое се урна
пред наши очи. Смоквата со круната на тлото
и со искорнати корења се чинеше како да
има намера посмртниот живот да го живее со
круна во земјата и со корења во небото. Не знам
што мислеше ти тогаш. Јас не можев да не мислам
дека, порано или подоцна, еден пред друг,
можеби на сличен начин, ќе се урнеме и ние двајца
или – ако бидеме блиску како што сме сега –
само засекогаш ќе се потпреме еден на друг.

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 77-79|