Години и ликови – многу
познанства средби стари пријатели –
зарем може некој сите да ги запамети
слабо памтам физиономии
а и ретко кога имало причина за тоа
младешка грешка и сметката сега ја плаќам
некои ги знам само од видување
со некои можеби и сум се дружел
другите (претпоставувам) сум ги видел на телевизија
дали од осмолетка или од средно
на некое дамнешно морско патување –
се обложувам дека и тие ме заборавиле
но во оние прости прошетки
без разлика дали само си умислувам
дека ги познавам – јас сите ги поздравувам
да не речат после дека сум се курчел
„види го педерчево се прави важен“
„ја врти главата а на времето му го пушев“
„Добро утро“ „Здраво“ „Добар ден“
поздрав што не ме обврзува да застанам
и да елаборирам со какво право ги поздравувам
„ене го оној што сите ги поздравува“ –
си велат и преминуваат преку улица
панично бегаат да не ги ставам во небрано
некои по инерција отпоздравуваат
некои ја вртат главата и нешто мрморат
некои со крајна рамнодушност ме игнорираат
се прават важни мамицата нивна
но и ним еден ден сè ќе им се испомеша
ќе речат тие здраво а јас ќе си гледам само право
29.07.2005