Дали си за еден лифтинг

/, Блесок бр. 47/Дали си за еден лифтинг

Дали си за еден лифтинг

Жената совозач
Дали си за еден лифтинг
Десет години пред
Луѓето кои постојано лелекаат
Ма пишувам јас на сè
Маглата не се гледа од сонцето
Сеедно – јас сите ги поздравувам
Три трудници на тулум
Учиме да јадеме

„На дивата свиња не ѝ треба испитување на пазарот
за да пронајде тартуфи во шума“
пронајдени – јас свиња ти тартуфа
се држиме за раце небаре едниот е дете
во толпа во непознат град на фиеста

денот завршува бавно – во fade out
дрвото си ја прибра сенката како што излетникот
си ја прибира простирката послана под дрво
полунаведнати проаѓаме под неговите ниски гранки –
небаре излегуваме од хеликоптер

бараме празна клупа во прегратката на кејот
крај канделабрите чии одблесоци во реката
ќе ги угаси сонцето
засвежува но затоа пак не е претопло
ги гледаме старците кои одат некаде
бавно и сигурно – во fade out

би имале ли што да си кажеме за 10 години –
ќе се познаваме предобро и ќе се избегнуваме
прекрасни се овие моменти на презентација
на најдоброто што мислиме дека го имаме
а маните и непремостливите разлики
нека останат притаени – за сега

не сме клинци да се фаќаме на клупа
но прв пат сме на одмор заедно
и се запознаваме запознавајќи го градот –
цел живот ќе се запознаваме запознавајќи
го животот
и кога вистински ќе се запознаеме
еден ќе мора да си оди

2018-08-21T17:21:26+00:00 април 16th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 47|