Понекогаш, со саати
почнувам да го отстранувам секој говор.
Упорно ги сокривам зборовите, и себеси,
како нивен божемен творец,
се тргам заедно со нив. Своите чувства,
искуства и земните доживувања, едноставно,
не ги искажувам: молчам. После таа појаваж
се случува на миг да не можам да го различам
браманскиот начин на живот од тишината
во градската читална. (Тоа, сигурно, е последица
на мојот фетишизиран однос кон книгите.)
И секоја тишина, ќе да е така, располага
со различни значења. Од каква утеха е тогаш
моето восхитување со мистиците?
Велат дека сите приказни се раскажани.
Но, што ако секоја тишина е истрошена,
ако веќе нема што да се премолчи?