Како мирисаат книгите

/, Блесок бр. 37/Како мирисаат книгите

Како мирисаат книгите

На меѓународната линија Минхен – Солун
Пишување
Огледалото на бродоломникот според песната ГРАД на Констанин Кавафис
Оправдание
Инфинитиви
Молчење
За заборавот
Загубени ракописи
Како мирисаат книгите

I
(Нималку величествена смрт)

Отспротива е исто, мислиш.
Исто е таму, на онаа друга пучина,
каде некогаш ти се чинеше дека животот е
поблиску. Но, ти тоа никогаш нема да го знаеш,
како што нема да ја осетиш
невидливата широчина на Средна Европа
или кој било самрак на источниот брег.
На секое место на светот е исто,
таму каде животите привршуваат.
Секое утро е како твоето – неволно
учествување во животот. И секој крај
на денот е ист, како кога ти нурнуваш в сон:
твојата нималку величествена смрт.
А тука си само привремено – на светот.

III
(Од едно до друго место)

Заминуваш од едно до друго место,
а никаде, всушност, не одиш. Твојата моментна
состојба ни самиот не можеш да ја именуваш.
(Бедни се нештата лишени од именување!)
Не откриваш земји, не сознаваш зборови нови,
а ни со постоечките не се служиш како што би сакал.
Деновите твои сè повеќе наликуваат на женска досада.
Бидејќи ова е веќе раскажана приказна,
а сите приказни се – си чул некаде или насетуваш –
токму такви, ти пак самиот себе се втеруваш
в агол и не наоѓаш начин да се отргнеш
од светот. Тагата е ознака на твоето постоење, единствената
што може да те одвои од другите. Барем со неа
да ја залажуваш стварноста, стварноста твоја
толку пати раскажана. И така, ќе заминуваш од едно
место до друго, а никаде, всушност, нема да одиш.

IV
(Сите твои ноќи)

Во оваа ноќ се содржани сите твои ноќи,
сето твое битисување, налик на случаен
редослед на часови, месеци и години. Тешко е
да се жали по засекогаш загубеното време.
Истрајно да се гасне животот – веројатно е малку полесно.
А некогаш одамна му веруваше на барем некој привид,
гореше по некоја песна или жена. Денес,
тоа доба ти се чини уште подамнешно. Сега си
во само уште една епизода, која, ти се чини, со години
трае. Во уште едно си секојдневно умирање.
Секое твое движење е веќе предвидено.
Попусто е и тоа што тагата е речиси иста
на сите меридијани, во сите дворци
и дувла. Зашто – тебе те нема никаде!
Ти само невидливо искрсна од својата самотија.
Беше тоа момент, живот тоа беше.

АвторПавле Горановиќ
2018-08-21T17:21:36+00:00 јули 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 37|