Гримасите на јазикот

/, Блесок бр. 65/Гримасите на јазикот

Гримасите на јазикот

Сини слики на зелен штафелај
Мисли во месечевиот катамаран
Поголемо од сè
Зад маската
Од врвот на мигот
Назад преку спротивниот земјин пол
Забава со лингвистичка потрага
Ги броиме годовите на телото
Гримасите на јазикот

дека нечија визија е бескрајна е неверојатно прекрасна илузија
но утопиите постојат за сликите да можат да се шират
подалеку одошто дозволува боењето и да отворат нови вртечки врати…
минатата ноќ гледавме во месечината со преплетени прсти
вечерта не беше од големи гестови но осветлена од одраз…

втрчав во твојата заклучена соба како коњ
и го построив целиот ансамбл во циркускиот круг
при такви залажувања нештата изнурнуваат од зениците
за да не дозволат внатрешните скалила на сонцето да исчезнат во жештината…
набргу трчавме низ преполните полици во библиотеката
нашите прсти го стегаа перото пред призорот да згасне…

сега слушаме како зборовите се губат во лавиринтот на звукот
додека светот нè зближува уште повеќе…
без големи чекори преку меридијаните и екваторот
но под тивките ѕвона кои ѕунат во внатрешната соба
како што љубовта може да ја запомни секоја мала брчка
на лицето на другата личност ако личноста може да ја задржи…

или сè се преобразува себеси во некој вид чудна хипноза
не се појавува ненадејно за да ја покаже сончевата машкост
туку за да ги искорне сите изговорени букви од корен
пред змијоликиот страв од разделбата да дојде на ред…
сè може да се промолкне во текстот додека текстот
е пред губење на увидот во штафелајот на заборавот…

со песок исполнетите ветрови кои со омраза пустошат врз растегнатото платно
можат како мисла да бидат прицврстени директно врз ѕидот од пештерата
безвремениот одраз се крева многу порано од зборовите
кои исто се вителат околу нашите ерогени зони
без вагината притоа да создаде видео слики на ѕидот од својата пештера…

токот на историјата е воведен за одбрана од стравот од слики
апстрактната крива на четката која обожува само бои
како што пештерските луѓе во минатото одгледувале ноќна темнина
огромни пламени силуети наведнати врз расчаден труп
додека коски и волчи кожи мирисаат на крвава пареа и сулфур
на таблата сино земјено јаболко… обвиена во озон…

еден на друг одново си ги наоѓаме рацете и се будиме од визијата
сè уште птиците на јазикот полетуваат од растреперените гитарски жици
и ни ги погодуваат нервите со нивните раширени шарени крилја
си ги засенуваме очите за подобро да го гледаме јатото
додека полека исчезнува во пламењата…

на другата страна од измислената рамка на текстот
гледаме брод кој си го лови сопствениот одраз и со себе ја повлекува мрежата
облаците се креваат од океанот за да ја преобразат панорамата…
со сина уста и испружен песочен јазик ѝ зборуваш на океанската мртва мирнотија
повлекувајќи го лакот на главата и истрелувајќи стрела право во срцето на песната

АвторТристан Виндторн
2018-08-21T17:21:07+00:00 април 29th, 2009|Categories: Поезија, Блесок бр. 65|