СТРИЖЕЊЕ
Она што последно го купив
кога сè уште можеше да се купи: машинка за стрижење.
Ја вадам денес, таков е денот.
Сакаш да ме стрижеш? Сакам.
Знаеш како се користи? Не знам.
Откако ќе го прочиташ упатството
(јас и не се трудам, и онака секогаш се откажувам пред половината)
седнувам на барско столче и донесувам пешкир.
Треба најдолгиот продолжеток, велиш
па почнуваш нежно со апаратчето по тилот.
Стриже? Не стриже.
Ставаш малку помал.
Стриже? Не стриже.
Ставаш уште помал, речиси најмалиот.
Стриже? Стриже.
Малку долу, малку околу увото,
гласот ти е смирен, раката ти трепери,
знам дека нема да испадне добро,
но седам понатаму, седам мирно.
Може малку и на врвот? Може.
Дај уште малку околу увото, заокружено.
Знам дека нема да испадне добро,
но седам понатаму, седам мирно.
Здивот ти е свеж и мирисаш на бело.
Подоцна, во бањата,
се воздржувам да не заплачам.
Па поправаме уште малку,
еве, велиш, сега е подобро.
Имам дупче над левото уво.
Имам цвет
единствен што ќе го наберам
оваа пролет.