Кратки раскази

Кратки раскази

ГРАДОТ ШТО ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ПРЕД НАШИТЕ ОЧИ
ЗАЈДИСОНЦЕ
ФИЛМ
ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ
НАЈГОЛЕМАТА МИСТЕРИЈА НА ЧОВЕШТВОТО
ПИСМО
ПОЛИЦИСКО ИСПРАШУВАЊЕ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО


ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ

Нешто е пред 22 часот. Гостите во крајбрежните кафеани наголемо ги јадат своите школки и ракчиња. Два пара на две маси се гледаат заљубено, додека срамежливо отпиваат голтки од наливното бело вино. На една од масите едно девојче се вдлабочило во цртежите што во тој миг ги црта, мислиш се преселило во некој друг волшебен свет. Тројца рибари стојат на молот, залудно чувајќи ги своите јадици во мрачните води. Околу нивните нозе трчкаат дечиња, користејќи ги последните мигови, пред нивните запиени родители да ги легнат в кревет. Весело друштво од десетина млади луѓе, седнато во круг на опустената плажа, гласно се смее. Недалеку од нив се распослала некоја жена, небаре се сонча на младата месечина.

„Види го бродот! Види го бродот!“ вика едно од задишаните деца околу нозете на рибарите. Никој не му обрнува внимание. Сите се навикнати на шарените туристички бродови што во ова време од ноќта пловат во близината на брегот. Некои од нив се накитени со флуоресцентни светла како новогодишни елки. Од нивните палуби се мешаат различни и гласни музики.

„Види го бродот! Види го бродот!“ се дере детето. Другите деца застануваат и втренчено гледаат во темниот хоризонт.

Девојчето со цртежите одеднаш изнурнува од својот мистериозен свет и се загледува во хоризонтот. „Леле, бродот“, прошепотува и почнува да плаче. Тоа е знакот на кој повеќето од гостите во кафеаната ги креваат главите и погледнуваат кон морето. И како по наредба, сите стануваат и застануваат на работ од кафеанската тераса. И восхитено гледаат во морската шир.

А таму, подалеку од вообичаената патека на туристичките бродови, плови брод како да е осветлен со пламени јазици.

„Каква илуминација! Какво чудо на технологијата“, коментира мудриот седокос човек со луле во левата рака.

„Сакам да ме носиш на овој брод. Сакам да бидам во него“, милно му се обраќа една девојка, прекриена со проѕирна наметка од тантела, низ која јасно се гледа нејзиното бикини, на човекот со куси панталони што стои до неа. „Секако, душо, секако“, без многу волја и ентузијазам одговара нејзиниот партнер.

„Тие се на ноќно бањање“, забележува некој што има добар вид. И навистина, ако подобро се концентрирате, можете да забележите темни сенки како скокаат од бродот. Но, бродот не стои во место. Се движи полека, ама се движи. И остава црвени траги на темната вода.

Фасцинацијата со необичниот брод бргу завршува. Луѓето се враќаат на своите вина, риби и октоподи. Рибарите залудно ги проверуваат своите јадици.

Само девојчето со цртежите неутешно рида. „Леле, бродот. Леле, бродот.“

Истата ноќ локалната телевизија ја објавува веста дека се запалил брод што плови на релација од пристаништето А до пристаништето Б. Има 14 жртви, а 17 лица се прогласени за исчезнати.

Идниот ден беше прогласен за ден на жалост. Туристичките бродови не пловеа. Во кафеаните немаше музика.

Само девојчето во тишина продолжи да си го црта својот замислен свет.

АвторЗвездан Георгиевски
2023-10-01T12:31:35+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|