НАЈГОЛЕМАТА МИСТЕРИЈА НА ЧОВЕШТВОТО
Има години оттогаш. Господинот што живееше во куќата без двор, секое сабајле се симнуваше во својата гаража и го палеше своето „пежо“. Потоа се качуваше во куќата, пиеше кафе и ја чекаше сопругата да се подготви за на работа. „Пежото“ за тоа време се загреваше. И кога ќе се загрееше, господинот ја возеше сопругата на работа, а потоа и самиот одеше на своето работно место.
Оваа рутина траеше со години. И зиме и лете.
Сѐ до оној ден кога не беше ни зима ни лето и кога господинот сфати дека филџанот кафе е поставен далеку на масата и дека тој не може да го дофати. Ја испружи раката колку што можеше. Главата му клапна и човекот се онесвести. Госпоѓата викна брза помош. Седеше до него крај болничкиот кревет. Беше таму и кога човекот се разбуди и прошепоти: „Пежото?“ Жена му рече: „Се загрева“. И човекот умре. Мирно и тивко како што живееше.
Не е познато што се случи со госпоѓата во поблиската и подалечната иднина.
Но, дали „пежото“ уште се загрева е една од најголемите светски тајни, тајна што човештвото никогаш нема да ја разреши.