Кратки раскази

Кратки раскази

ГРАДОТ ШТО ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ПРЕД НАШИТЕ ОЧИ
ЗАЈДИСОНЦЕ
ФИЛМ
ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ
НАЈГОЛЕМАТА МИСТЕРИЈА НА ЧОВЕШТВОТО
ПИСМО
ПОЛИЦИСКО ИСПРАШУВАЊЕ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО


ГРАДОТ ШТО ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ПРЕД НАШИТЕ ОЧИ

Денес е 13 август. Големиот празник на Градот што ќе исчезне пред нашите очи. Денес е големиот карневал и тројцата музичари ќе свират и пеат по различни улици до доцна во ноќта. Денес жените танцуваат гологради и смеејќи се, во ритамот на музиката ги тресат своите дојки. Сите жени. Без разлика на возраста и без разлика на изгледот.

А мажите? Мажите ги гледаат со нескриен копнеж во погледот. Со очи што не кријат страст и со раце што треперат од недостижниот допир. Тоа е целта на големиот празник на Градот што ќе исчезне пред нашите очи.

Јас го измислив големиот празник на мојот град, на градот што ќе исчезне пред моите очи.

Градот што ќе исчезне пред нашите очи се наоѓа на еден од рабовите на Европската пустина. Никој не влегува во тој град. Никој не излегува од тој град. Нема кој да влезе и нема каде да се излезе. Градот си е доволен сам на себеси. Градот е самоодржлив.

Имаме важна и умна градска управа. Таа знае што му треба на Градот што ќе исчезне пред нашите очи. Се знае колку пекари се потребни да го нахранат градот со леб. Се знае колку лекари се потребни да го лекуваат. И колку чистачи да го исчистат ѓубрето.

Јас сум новинарот во Градот што ќе исчезне пред нашите очи. Единствениот новинар. Јас сум тој што ја шири вистината за градот меѓу неговите граѓани.

Едно од моите најважни задолженија е секој ден да одам во мртовечницата и во породилиштето. И да избројам дали повеќе луѓе умреле или повеќе бебиња се родиле. И секогаш, ама секогаш повеќе луѓе умираат. Стари, млади, жени, деца… И секогаш се раѓаат помалку бебиња.

И тие податоци ги носам во нашата Градска управа. Тоа се умни луѓе. Чекам да ми одобрат да ги објавам во весникот. И тие никогаш не одобруваат. Тие знаат што е најпаметно за нашиот град. И јас им верувам. На пример, кога ќе умре некој лекар, тие веднаш регрутираат еден чистач да го пополни испразнетото место. Подобро е луѓето да бидат здрави, отколку градот да биде чист. Кога ќе умре некој пекар, тие на негово место веднаш ставаат лекар. Подобро е луѓето да бидат сити отколку здрави. Кога ќе умре некој чистач, на негово место доаѓа музичар. Кому му треба музиката, наспроти хигиената. И така натаму. Ви велам, мудра е нашата Градска управа. Го држи Градот што ќе исчезне пред нашите очи во живот.

И не знам зошто, не знам како, ама само еднаш не постапив како што треба. Оној 13 август. Тогаш, само тогаш, имаше само еден умрен повеќе од бебињата што се родија. И јас објавив во мојот весник дека тој ден се родија 30 бебиња повеќе од бројот на оние што умреле.

Градската управа го искористи општото воодушевување и оттогаш 13 август е голем празник на Градот што ќе исчезне пред нашите очи.

Ден на плодноста на Градот што ќе исчезне пред нашите очи.

АвторЗвездан Георгиевски
2023-10-01T12:31:35+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|