Кратки раскази

Кратки раскази

ГРАДОТ ШТО ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ПРЕД НАШИТЕ ОЧИ
ЗАЈДИСОНЦЕ
ФИЛМ
ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ
НАЈГОЛЕМАТА МИСТЕРИЈА НА ЧОВЕШТВОТО
ПИСМО
ПОЛИЦИСКО ИСПРАШУВАЊЕ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО


ЗАЈДИСОНЦЕ

Куќата во која летувам е на една висорамнина. Десетина метри над морето. И исто толку скалила до плажата.

Јас не влегувам во морето. Во неговите води има црвени подморници и големи риби. Тоа е нивна територија. Јас не се симнувам на плажата. Таму има премногу сонце и премногу луѓе, подготвени да се печат со часови.

Јас седам на моето пластично столче до пластичната маса, каде што удобно се сместени преполниот пепелник и мојата лименка пиво. И гледам во морето. Сакам да гледам во морето. Сакам да ги гледам брановите. И капачите. И кајчињата. И бродовите. Сакам да гледам во морето. Тоа ме смирува.

Велат дека најубавиот поглед кон зајдисонцето во овие краишта е од мојата висорамнинка. И тука, токму пред мојот хоризонт, доаѓаат туристи и снимаат, се сликаат, прават селфија… пред пурпурот на денот што умира. Доаѓаат и овдешните. Соседите, а и некои поблиски или подалечни мештани.

Не ми пречат. Не ми го попречуваат погледот кон бескрајот. Напротив. Некогаш ми се симпатични. Особено кога ќе се појават некои млади, некое момче и девојче и прегрнати воодушевено ќе гледаат во нечие умирање, па макар и на денот. „Ах, колку е прекрасно“, ќе прошепоти девојката со сонливи очи. А младичот, нежно и со одобрување, ќе се насмевне.

Не гледам во зајдисонцето. Не ме интересира. Гледам само во морето. Само во бесконечноста.

Тука сонцето заоѓа долго. И мачно. И токму затоа никогаш не можам да го дофатам мигот кога се палат оние неколку рефлектори поставени на мојата висорамнина. Чиниш се палат кога е уште ден, кога младата месечина едвај се гледа на небото, а веќе следниот миг е комплетен мрак.

И тогаш не можат да се видат ниту ѕвездите на небото, ниту брановите на морето. Преголемата светлина секогаш предизвикува преголема темнина.

Јас останувам да седам на пластичното столче, до пластичната маса, со лименката пиво во десната рака. Не гледам повеќе ништо, освен заслепувачка светлина. И ги слушам морските бранови. Сакам да ги слушам ноќните морски бранови.

И во таа ноќ зад рефлекторите ги слушам чекорите што бавно одат по оние десетина скали од плажата кон мојата висорамнина. Подготвен сум. Чекам. Очекувам. Знам. И како да поминала цела вечност откога тргнал, се појавува тој – Големиот Бран.

Онолку висок и уште повеќе широк, застанува на неколку сантиметри од мене. И ме прашува: „Што бараш ти тука? Зошто не влегуваш во море?“ Јас му велам дека морето не е мој терен, дека таму има црвени подморници и големи риби и дека навистина не би знаел што да правам таму.

Големиот Бран ја развлекува својата насмевка, или јас мислам дека тоа е насмевка, широка околу три метри, висока барем половина метар. И ме вшмукува во себе. Се обидувам да дадам некаков отпор. Пливам во дебелата вода. Или лебдам?

Среќа што неотворената лименка пиво е цврсто позиционирана во мојата десна рака. Ја отворам лименката. Некој дел од пивото излетува во вид на меури во водата, над мојата глава. Веднаш ја приближувам лименката до усните. Интересен е тој вкус на пиво и морска сол. Не ја допивам лименката. Поголемиот дел од пивото се претопува во мократа уста на Големиот Бран.

Бранот ме шета низ морето. И не дека лажам, ама навистина видов еден куп црвени подморници. И уште повеќе големи риби. И таман почнав да уживам во мојот годишен одмор, го слушнав оној тап звук, оној што може да се слушне кога си длабоко нурнат во вода. Сфатив дека станува збор за чекорење по скали. Бранот ме донесе и ме седна пред куќата каде што летував таа година.

Од мојата висорамнина се гледа само зајдисонцето. Не се гледа изгрејсонцето. Тогаш е сенка. И студи. И јас седам, целиот мокар, на моето пластично столче, до пластичната маса, со празната лименка пиво во десната рака.

Жена ми е ранобудник. Се буди со првите сончеви зраци. Излегува на тремот и ме гледа.

„Зошто си мокар?“ прашува.

„Пливав со брановите“, одговарам.

„Ти не си нормален“, ми вели таа.

А јас, ете, толку години после, доаѓам тука, на истото место. И не гледам во зајдисонцето. Не ме интересира. Јас го чекам мојот бран.

АвторЗвездан Георгиевски
2023-10-01T12:31:35+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|