Кратки раскази

Кратки раскази

ГРАДОТ ШТО ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ПРЕД НАШИТЕ ОЧИ
ЗАЈДИСОНЦЕ
ФИЛМ
ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ
НАЈГОЛЕМАТА МИСТЕРИЈА НА ЧОВЕШТВОТО
ПИСМО
ПОЛИЦИСКО ИСПРАШУВАЊЕ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО


ПИСМО

Требаше да се всели во друг стан. Не толку убав и не толку голем како оној во кој живееше, ама пристоен и по негова мерка. И киријата не беше преголема. Успеа да плати наемнина за шест месеци однапред, плус капар за еден месец.

Сите работи од станот што му се чинеа важни веќе беа спакувани по кутии, пакети и вреќи. Неговиот стан остана празен, баш каков што беше станот во кој требаше да се всели. Пријателот му вети дека ќе го пресели со своето комбе, а и некои други се понудија да му помогнат.

Ама тој не се селеше уште. Чекаше писмо. Важно писмо. И знаеше дека нема да го најдат на новата адреса. Секое сабајле и секоја вечер проверуваше во поштенското сандаче, ама писмото го немаше. Не излегуваше дома за да не се случи случајно човекот што доставува препорачани пратки да не го најде дома, ама доставувачот го немаше.

Луѓето што го познаваа се прашуваа што се случува со него, а тој само загадочно одговараше: „Чекам писмо, важно писмо“.

Помина еден месец, поминаа два, а писмото го немаше. Спиеше на паркетот, покриен со ќебе. Гадно кашлаше. Греењето му беше исклучено. Ама беше упорен. Поминаа три месеци, четири… Поминаа сите шест месеци за кои имаше платено. Ќе се снајде тој, не му е првпат да се најде во ваква ситуација.

И во тоа едно утро, заѕвони вратата. Пред неа стоеше човек со коверт во рацете. Треперливо се потпиша дека ја примил пратката, ја затвори вратата и нестрпливо го отвори писмото. Во него пишуваше дека судот му ја усвоил жалбата, дека извршителот нема право да му го изврши станот и дека тој може да остане во него.

Полека дојде до еден од пакетите. Го отвори и го расчепка. Го извади од него стариот трофеен пиштол. Најде и еден за’рѓан куршум. Не веруваше дека пиштолот е во функција. Не веруваше дека куршумот ќе испука. Го стави пиштолот во уста, го повлече петлето и пиштолот пукна.

Соседот што го пронајде телото се колне дека бил насмеан. Веројатно така изгледало поради раната.

Ама јас знам дека беше насмевнат и знам дека последната мисла што му помина низ глава беше дека, ете, барем една ебана работа во неговиот живот функционира. Стариот за’рѓан трофеен пиштол!

АвторЗвездан Георгиевски
2023-10-01T12:31:35+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|