Кратки раскази

Кратки раскази

ГРАДОТ ШТО ЌЕ ИСЧЕЗНЕ ПРЕД НАШИТЕ ОЧИ
ЗАЈДИСОНЦЕ
ФИЛМ
ДЕВОЈЧЕТО СО ЦРТЕЖИТЕ
НАЈГОЛЕМАТА МИСТЕРИЈА НА ЧОВЕШТВОТО
ПИСМО
ПОЛИЦИСКО ИСПРАШУВАЊЕ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО


ФИЛМ

Авторот седи крај лаптопот, сместен на масата спроти телевизирот. Го почнува својот нов роман. Темата е помпезна – достигнување на совршенството. Главниот лик е совршен. Телото му е совршено. Толку совршено што не му треба облека. Ниту зиме ниту лете. Умот му е совршен. Толку совршен што не мора со никого да комуницира и ништо да чита… Тој е самозадоволен. Не му требаат деца, не му требаат жени, не му требаат луѓе…

Авторот се мачи со почетокот на романот. Романот треба да биде совршен, толку совршен што ќе постои самиот за себе, без читатели, без критичари, без книжарници… Почетокот мора да биде толку совршен што би можел истовремено да биде и почеток и крај, а да биде и целото дејство на романот.

На телевизорот оди некој филм. Снимен според нечиј роман. Авторот го гледа филмот. Интересен е… Добар е… Ама не е совршен. Во филмот врне дожд. Во филмот врне многу дожд.

Повторно гледа во лаптопот. Не знае што да прави. Го затвора лаптопот и благородна мисла му поминува низ глава. Не мора ниту да пишува. Ќе почека и ќе го изгледа филмот што ќе биде снимен според неговиот ненапишан роман за совршенството. И така ќе знае за што, всушност, се работи во романот. Авторот мирно заспива со спасоносната идеја в глава.

Десет години подоцна…

Авторот излегува од киносалата. Го изгледа филмот „Совршенство“, снимен според неговиот роман. Не е задоволен. Филмот не успеал да ги пренесе идеите од ненапишаниот роман. Тие беа многу посуптилно замислени на празните страници хартија отколку што тоа можеше да се види на филмското платно.

На авторот му поминува спасоносна мисла низ главата. Цврсто решава следниот роман да го напише според некој никогаш снимен филм.

И таков, самозадоволен, со глупава и нејасна насмевка на лицето, оди до првата слаткарница и купува корнет со две топчиња сладолед од чоколадо. И едно топче од ванила.

Ветрот пред него разнесува пластични кеси, некакви испишани листови хартија и прав. Многу, многу прав.

Можеби ќе врне.

АвторЗвездан Георгиевски
2023-10-01T12:31:35+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|