Поезија – Јосип Ости

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Поезија – Јосип Ости

Поезија – Јосип Ости

Во џебот сè уште го носам клучот од некогашниот дом
После војната градиме куќа
Сонцето насекаде и сите подеднакво ги грее
Со ’рѓосан бајонет од Првата светска војна
Дојди, љубов, брзо во градината
Не знам, кога ќе ослепам
Кога и да се сретнеме, долго се гледаме
Најчесто разговарам со мртвите
Сиот живот се збогувам со животот


Во џебот сè уште го носам клучот од некогашниот дом

Во џебот сè уште го носам клучот од некогашниот дом,
во кој од последната војна во мојот роден град
седат некои други луѓе, кои веќе одамна
ја имаат сменето клучалката на влезната врата. … Знам
дека клучот без својата клучалка ја изгубил секоја
смисла на постоење, но тој клуч за мене има повисока
смисла, како многу други, главно непотребни
предмети. … Исушен костен, собран во
дрворедот што води кон изворот на Босна. … Подметнувач за
кригла со пиво од крчмата Кај златниот тигар,
каде се сретнав со Храбал. … Салфета, на која
англискиот поет Адријан Мичел ми нацрта
слонче. … Во прав претворен цвет од лимон,
чиј незаборавен мирис ме потсетува на нашите
прошетки покрај морето помеѓу Подаца и Брист. …
Предмети, што дланката ја греат како јајцето
што сосетката ми го донесе, веднаш откако го снесе
кокошката, и ги оживуваат спомените. … Во џебот
сè уште го носам клучот на некогашниот дом. …
Не знам, ја сонува ли тој клуч својата смисла, својата
втора половина, како што јас ја сонувам мојата љубена
жена, еднакво мрачна и таинствена, на која во сон,
иако спие покрај мене, наместо љубовни писма
веќе со години ѝ пишувам песни. Знам само дека
на необјаснив начин ми го покажува патот до занданата на јазикот,
во која единствено се чувствувам потполно слободен.

АвторЈосип Ости
2021-08-17T20:57:21+00:00 август 15th, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 138 - 139|