Поезија – Јосип Ости

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Поезија – Јосип Ости

Поезија – Јосип Ости

Во џебот сè уште го носам клучот од некогашниот дом
После војната градиме куќа
Сонцето насекаде и сите подеднакво ги грее
Со ’рѓосан бајонет од Првата светска војна
Дојди, љубов, брзо во градината
Не знам, кога ќе ослепам
Кога и да се сретнеме, долго се гледаме
Најчесто разговарам со мртвите
Сиот живот се збогувам со животот


Не знам, кога ќе ослепам

Не знам, кога ќе ослепам, како што не знам,
кога од љубената жена ќе ме одвои животот или смртта.
Затоа во ризницата на спомените собирам и чувам сè
што сум доживеал и дознал со разбудените сетила.
Со видот, со слухот, со мирисот, со вкусот, со допирот… Долго и
внимателно гледам сè околу себе, слушам различни,
гласни и тивки гласови, мирисам повеќе или помалку
силни, пријатни и непријатни мириси, вкусувам слатки и
горки плодови, допирам меки и груби, топли и
студени облици. … Не знам, кога ќе ослепам,
како што не знам, кога од љубената жена
ќе ме одвои животот или смртта. А знам дека и тогаш
по мирис ќе го познаам секој цвет којшто
кога било сум го мириснал, по гласот секоја птица што
кога било сум ја чул, по допирот секој кога било допрен
облик. Пред сè непогрешливо ќе ја препознаам секоја
жена што кога било сум ја љубел и долго галел.
И тогаш кога без зборови ќе стои крај мене,
гола и измиена со сапун што мириса на ружа. Дури
и ако во меѓувреме времето го изменило нејзиното
тело, ќе ја препознаам по неизменетиот мирис
на нејзината душа. Невидлива и безоблична. Слатко-горчлива.
Отровна и истовремено лековита.

АвторЈосип Ости
2021-08-17T20:57:21+00:00 август 15th, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 138 - 139|