Поезија – Јосип Ости

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Поезија – Јосип Ости

Поезија – Јосип Ости

Во џебот сè уште го носам клучот од некогашниот дом
После војната градиме куќа
Сонцето насекаде и сите подеднакво ги грее
Со ’рѓосан бајонет од Првата светска војна
Дојди, љубов, брзо во градината
Не знам, кога ќе ослепам
Кога и да се сретнеме, долго се гледаме
Најчесто разговарам со мртвите
Сиот живот се збогувам со животот


После војната градиме куќа

После војната градиме куќа. … После уште една
војна, во која мнозина останаа без покрив над
главата, градиме куќа и ја уредуваме градината околу неа.
Ја градиме по урнек на полжавската, мала и убава,
но за двајца. Учиме од ластовиците. За совет
ги прашуваме ветрот и дождот. Ја градиме со раце кои
мирисаат на земја, во која се враќа сè што од неа
израснало. Со раце, кои нежно се допираат и
уморни гласно се смеат како цвет слезов. Ни помагаат
каменот и водата кои ги спојуваме со мирисот на лаванда и
со сликите од соништата. … После војната градиме куќа. …
За телата, кои ќе лежат во постела како под
процутена јаболкница, и за душите, кои по неа
тивко ќе шеткаат како што денес по неа скита душата
на старицата која живеела и умрела зад нејзините ѕидови. …
Градиме ѕидчиња кои ќе нè одвојат од суровата
стварност, и скалила, кои ќе нè водат зад
познатото, каде стигнуваат оние што се љубат. …
После војната градиме куќа. … Деноноќно, иако сме
свесни дека ги градиме утрешните урнатини.

АвторЈосип Ости
2021-08-17T20:57:21+00:00 август 15th, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 138 - 139|