Поезија – Глоријана Вебер

/, Литература, Блесок бр. 147/Поезија – Глоријана Вебер

Поезија – Глоријана Вебер

Вселена
Бегство
Историја
Во близина на Бога
Раѓање
Избори


БЕГСТВО

Каде одиш, човеку?

Погледни ме,
нема повеќе простор,
ниту последни улици,
ниту земја,
ниту растојание, димензии, ништо,
сега јас сум таа што те зема,
те враќа назад,
кога си овде, те гледам
во внатрешноста,
те туркам таму,
кога повеќе нема простор за надвор,
за изглед, за очи,
не можеш никаде да одиш,
приврзан си за својот живот,
кажи ми,
дали некогаш си го зел,
овој момент,
си ги турнал во него своите раце, телото,
барем поглед,
си бил на лулашка,
повикал птица,
пердуви да ја рашират твојата дланка,
го испи сонцето, ја раскопа тињата,
низ земјата си бил дожд,
насекаде, во секое време, со никого,
сам?

Сврти се и погледни ако се надеваш,
кога не можеш никаде да одиш,
освен во внатрешноста,
те носам во сржта, во леснотијата
од сите спомени,
уште од таму, каде што те нема,
од секаде те собирам,
од секаде те носам,
надвор од јазиците, државите, работата, семејствата
и домовите, од затворите, фабриките, породилиштата,
од улиците, замоците, гетата, од небото,
од сите вери, раси, грешки и болести,
од секој крик, насилство, студ,
те лупам од сите простори,
од сите трошки и пукнатини,
те викам од сите песни,
од сè што можам, те влечам
назад од милијарда ѕвезди,
од најдлабоките корења, отпечатоци, фосили,
прашина и светлина,
низ празнината
ти ја земам дланката,
за последниот остаток од дланката,
за последното делче од допирот,
за последната трага од мирисот.

Бидејќи знам, дека си овде,
расклопен на парчиња,
расфрлани во историјата,
сеедно ми е што ти направиле,
ќе ги собереме сите твои капки,
ќе ги спуштиме како орли на небото
и ќе чекаме да ги фатат за нас
дождот ќе се смири во морето,
таму пливам во твојот спомен,
не ми е грижа за бурите,
носи ме кон нив,
да го издишам брегот во тебе,
таму ги разбиваме дрвјата,
ги ослободуваме водопадите
и лисјата во есен,
виде ли дека децата трчаат кон нас,
бидејќи ништо не живее повеќе од убавината,
бидејќи ништо не созрева повеќе од убавината,
во неа старееме како сила и плодови,
бидејќи ова повеќе не е моја песна,
само ја пренесувам низ устата,
само ѝ паѓам во грлото,
кога нејзината плунка истекува во мојата крв,
ме заразува со светот,
дека разговарам само уште со вселената,
дека не знам како да не сакам,
бидејќи раѓањето заборавило да ми ги земе спомените
со милениуми, на сè што сум, каде што сум,
сите возрасти во една тишина,
оваа глетка, овој звук, овие бои, ритам и бран,
не знам, не чувствувам, не знам како да не бидам.

Уште влажните улици и градови се преселени во мене
и луѓето во нив и животот од нив
и државите над нив и сите во мене,
дури и бруталноста да го земе прекаријатот,
работата, платите, верувањата,
слободата, банките, лицата,
годините, насмевките, улиците,
овој простор влегол во мене,
дека во мене живее цел свет,
кој го галам
и со него плачам
како мраз, оган и врв, бестрашно
и заедно ја носиме тежината,
од неа спуштаме бели гулаби
како нежен здив наутро над нив,
се носиме над облаците,
не како, не каде,
не со кого,
ние двајца нема што да изгубиме,
немаме што повеќе да изгубиме,
никакви улици,
никаков простор,
ова време,
сами, како на почетокот,
ќе се вселиме,
во нашиот мал глас,
таму се излеваме,
оттаму стануваме,
дека сме еден кон друг
отвор,
простор за внатрешност,
и таму ти шепотам,
погледни ме, човеку,
кога бегаш пред себе,
не можеш никаде да одиш,
освен во срцето.

АвторГлорјана Вебер
2022-11-06T12:09:36+00:00 октомври 30th, 2022|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 147|