Небесен пансион

/, Блесок бр. 80-81/Небесен пансион

Небесен пансион

Канцона и сиртаки
Братство и сестринство
Девојките на мојата младост
Расцутело Јудиното дрво во дворот на старата Виенска општа болница, денешен Универзитетски кампус
Мојата кафеана
Во Белград, десет години после војната
Небесен пансион
Малини

Мојата кафеана е празна. Една пропадната куќа
На крајот од селото, со прозорец кон месечината
Тука сам налевам чаши и пијам до мугри
И ги довикувам драгите, отсутните, во самотничкото вино.
И одеднаш слушам гласови, бас и хармоника
Сè што душата можела, а не знаела (ниту смеела)
сега збор по збор се склопува во тмурна хроника
И љубовта завршува уште пред да започне.

Мојата кафеана е празна. Само саката маса и стол
Каде седеше некогаш безгрижниот кочијаш на бескрајот
Кој пушташе змејови и туркаше детска количка
Во радост и во височина, во хоризонтот каде се спојува
Мојата душа со синилото, срцето со родниот крај.
Човечкото зло е големо и сеопфатно, малку
Има птичја љубов и трепет. А сè од себе давам
За да го сочувам неуловливото, единственото преостанато.

Мојата кафеана е празна. Духот на лавандата и шумите
Темјан се за душата на оние чија смеа е пресечена.
Тие се смеат над лавиринтот и низ правот на мојот друм
Зашто не го разбираат стравот, ниту причината да се биде претпазлив.
Како ќе ти го препознам лицето во тоа рајско изобилие
Кое лежи на работ од сакатото херцеговско село?
Би сакал да те љубам во лозје, во мед, во диво билје
Но љубовта завршува уште пред да започне.

Сараево, 22 јули 2008

АвторМиле Стоиќ
2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 80-81|