Небесен пансион

/, Блесок бр. 80-81/Небесен пансион

Небесен пансион

Канцона и сиртаки
Братство и сестринство
Девојките на мојата младост
Расцутело Јудиното дрво во дворот на старата Виенска општа болница, денешен Универзитетски кампус
Мојата кафеана
Во Белград, десет години после војната
Небесен пансион
Малини

Билката е cercis siliquastrum, а ја викаат дрво Јудино
Ги гледам низ прозорецот нејзините кревки гранки како пеат
Со розов цут. Мене, или на строгиот создател
Кој ги предвидел за бесилка на убиецот на својот син?
Секоја кршлива гранка мене ме потсетува на Цвајг
Кој боледувал во некоја од овие соби, а таа му
Мавтала срамежливо, како девојка која ја обесчестиле
Караџиќевите патриоти, некаде во планините на Босна.

Оној кој го милувал твојот бехар и го пиел твојот мирис
Морал да испие barbiturat veronal во пампите на Рио
Со својата љубена која се викала Шарлот Алтман
Истеран од под своето стебло засекогаш. Своите кревки тела
Му ги дарувале на љубениот роден крај aus freiem Willen
Und mit klaren Sinnen, во знак на благодарност за прогонството
О Исусе добар, прати ги в пекол сите оние кои
Им се одмаздуваат на невините за твојата света мака.

Денес околу расцутеното стебло седат бездомници
И безгрижни студенти, кои во своите ранци го носат
Светот од вчера
, како тешка лектира за задолжителен испит
Која се чита интензивно, ден и ноќ, како мачна задача
За прочитаното набргу да се заборави. Како што се
Заборава времето во кое расне омразата и цути злото
Како што твоите гранки ја забораваат зимата и студот и болката
Секоја година со нова пролет и нов бехар.

Се лелеат расцутени твоите алби во самрачниот двор
На кампусот, над клупата на која две млади тела
Како некогаш ги опива занесната и бесмртна симфонија на љубовта;
Покрај која поминува еден висок, згрбавен човек
Од југот, кој тукушто размислува за светот од вчера, за пролетта
Која буди спомени и за алкохолот кој ублажува рани. Светот
Се гуши во џагор, се соединуваат во бучава смеата и плачот
Во далечниот роден крај, каде минатото прави оргии и луѓето умираат

АвторМиле Стоиќ
2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 80-81|