Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Орелот на Прометеј

Кавказ и за мене е кафез.
Иако не сум прикован за карпана
јас морам по цел ден да му го колвам џигерот
па ноќе, јасно, сум сосема папсан.

Дур нему џигерот му се обновува и расте
јас сонувам за бескрајните пространства
што некогаш ги летав слободен
пред боговите да ми ја дадат гаднава работа.

А тие ни сами веќе не знаат што сакаат.
Ми велат – колви го, но не премногу за да не пцојса;
нека го боли, по понекогаш и заскокоткај го
за да го ждригне она што го мисли…

Но јас не го разбирам ни она што го збори! –
Како тоа, кога си му во утробата,
кога знаеш што јаде и што пие?
Научи му го јазикот на клетките!

Хм, божем богови, а ништо не разбираат.
Дур јас го колвам, без ништо да му можам,
глувци и стаорци им ги јадат дур и жртвите
што луѓето уште им ги принесуваат

а не пак летнината и зимнината.
Јас, пак, сум толку наколкан што не можам да летам
(а да јадам џигер замразив за довек!)
Тие, кутрите, мислат – Прометеј е само џигерот.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|