Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Пофалба на каменот

 

Камену, што од векови водиш љубов со правта

камену, што се лечиш со паѓање

но сè уште го болуваш небото

ти, што одбиваш некому да служиш

гризен од сиромаштијата

измолбуван од гребаниците нокти

разјаден од босите човечки стапала

милуван од очај да оживееш

фрлан како птица да кружиш

околу мислата сè додека не ја каменуваш

чукан од срцето како со чекан

а сепак немушт непроговорлив

горд тврд непокорен камену.

 

Ти што ги жртвува и животот и смртта

за посилното постоење

ти што ја презре минливата присутност

ти што некогаш беше билка ѕвер и човек

но се врати во своето првобитно постоење

близу до љубовницата правта

ти, што внесуваш раздор во просторот

ти, што ги скара елементите

ти, што ја зароби светлината

ти, што нè мамиш во својата стабилност

грозно рамнодушен за неуките –

распукај се од динамитското семе

пукни од мојата зла намера

горд тврд непокорен камену.

 

Отсекогаш си бил неизбежното ништо

си му се потсмевал на оганот на воздухот на водата

си ја лажел земјата

го изедначи најголемиот врв

со дното на амбисот

се играш со земјината тежа

паѓаш а постојано се креваш

за повеќе да страдаш

каде за тебе да се пронајде дното на мирувањето?

Лебдејќи неизлечиво во реката на постоењето

ќе бидеш без покој

горд тврд непокорен камену

 

Ти што ја разбиваш како молноносна топка

сета подигната барикада на сознанието

ти што потечуваш како незапирна лава

низ гнилите врати на сетилата

и фрлен од мојот жилав катапулт

паѓаш во празниот простор на неиспишаната поезија

ти што како Молох го претопуваш мракот

во светлина фрлајќи искри ’рѓа

ти што ги скрши светечките ореоли

заедно со размекнатите черепи

ти што везден го расклатуваш скелетот на воздухот

ти што не признаваш солза

сè додека не се истури целото око

цврчорејќи како усвитена капка метал

несфатливо грдо и прекрасно

безмилосен свиреп суров камену.

 

Ти што и’ ги исправаш коските на убавината

како на слатка жена што нема каде

туку да ти се подаде за да биде

исцицана од тебе како саќе мед

ти што некогаш ги третираше времињава

што сега ги споменуваме

како глутница мрсулави детишта

ти што ги атакуваше ѕвездите

сè додека не ги научи да се држат на отстојание

ти што ги сомеле боговите

туркајќи ги низ суводолица

и потем најподбивно им дозволи

да ти го позајмат твоето месо

каква злоба каква пакост

зол подол поган прогнаник камен.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|