Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Троја

 

Се отворија портите на градот

и ветрот влезе како некој

што долго ја држел опсадата,

како празна изгубена душа на победник

што по победата не очекува ништо,

како безмислен безделнички провев

што се движи низ улиците

абејќи се од аглите – питачки здив

што бара топлина и корка лебец.

Калдрмата застенка

а палатите ги полазија морници.

 

Ветрот донесе луѓе што ги зафрлиле плуговите

да ’рѓосуваат или сами да го ораат небото

надевајќи се на жетвата на летното небе

и на крупните зрна од ранобудните ѕвезди

но оставајќи ги ѕвездите непросеани.

Место тоа луѓето го почнаа со мечовите

длабокото орање по човечките тела

со непогрешливата бразда до срцето

корнејќи го како жилава пенушка,

пукајќи ја жолчката како меур од риба

и со џигерот хранејќи стрвни птици

веќе одомаќени на нивните раменици –

тркалајќи ги черепите како неплодно камење

употребливи само за градба, но за тоа

како и секогаш никогаш достатно време.

 

Ги одвоија мајките од нивните деца

сè додека не се исуши детскиот плач

сè додека не секне мајчиното млеко.

Ги истргнаа уште трепетни жилите на крвотекот

и со нив почнаа да ги поливаат улиците

не надевајќи се на ништо поарно туку

скалилата на храмовите да ги претворат во кочини

со неизбежно познатиот мирис.

Ветрот ги одврза сите камбани и клепала

и со својата завиорена опашка

како метла помина низ градот

и удри во гонгот на сонцето.

Мрак како прав ги покри и поразените и победниците

измешани во херојска крв и кукавички измет.

 

Во ноќта замукаа гладни говедата

и месечината се појави да го мие

во крвта своето осакатено лице,

а потем скокна високо – како идол

на новите основачи на градот.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|