Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Остров на копно

“… the Republic of Macedonia is a landlocked country…”

Кој вели дека сме немале море?
Го немаме сега да ни шлапка пред прагот
но еднаш сме го имале во дворот
па секнало, остатокот ни го зеле
сосе бродовите и нас, бродоломниците…

Кај сме можеле без море!
Изгонети длабоко во копното, останавме (дур не остинеме)
со него во дослух (со папочна врска?) и преку 300 планини…
Што ако сега (како и некогаш) се вика(ло): бело, црно, сино,
тоа си е везден исто и различно: на утро, пладне, вечер…

Важно сè уште е тука, иако заклучено во пештери и потони –
приливот ни татони во сонот, одливот нè заринка во стварност
сушата му е солта, синевината – шир без хоризонт и дно…
Ние сме, всушност, остров заостанат од Потопот на копно,
глечер меѓу карпи што копни од копнежи

по првобитниот Океан, со траги прекубројни во нас,
од неговото дишење во пулсот од нашите жили,
најодзади – и зошто не? – солената ни крв…
Казна од гревот источник што сме се напиле братска крв –
затоа до ден-денешен морето не се ни пие.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|