Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


По потопот, пак тие

Ковчегот не само што се истоварил, туку и заринкал
на тврдава карпа Арарат, тука и тогаш (но како да е сега),
зашто дрвото гофер (од багрем или кипарис) му е згниено
и веќе сосема распаднато од лузните на Потопот
(како овој свиток од старозаветен ракопис
кој говори за тоа, а сега се троши и на допир)

спасените бродоломци се одамна разбегани
во чифтови, или поединечно (вдовци и вдовици?)-
тие што ја преживеале бурата и Потопот
и тие што одвај извлекле жива глава
од стампедото при напуштање на ковчегот
во страв, безредие и паника, се разбира

важно животот на луѓето и на животните,
избраниците на Јехова (и, веројатно, на Ное),
оттогаш продолжуваат да се размножуваат
(иако некои видови, може, биле десеткувани)
заедно со семето самоникнато во тињата што сега дивее
(како знаците на интерпункција што недостигаат во свитоков?)

старите бактерии и бубачки, и новите мутанти,
луѓето од сите раси и мешанците, потомци
од синовите на Ное, или од слепите патници во ковчегот…
навистина – Ное исчезна без трага (како капетан
кој последен го напушта бродот што тоне?)
но остана божилакот како знак на нов сојуз со Бога

туку што да правиме со новиве ноевци што веќе си ги градат
ковчезите за следниот потоп што самите го подготвуваат
за да преживеат само тие со своите избраници –
како ноеви со главите закопани во песок
ошумоглавени од сопствените незаситни желби,
а ние, за да им удоволиме, се делиме на триста вида – СИДА…

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|