тешко е да се пишува поезија
во близината на еден камен
дури и опасно е да се пишува поезија
во близината на еден камен
упорно да се внесува музика и светлина
во пустите предели на смртта
со милениуми и милениуми
да се размислува за крајно бесполезни работи
– извинете почитуван господине
што мислите за совршенството
на сончевиот систем
– простете пресветла госпоѓо
сте слушнале ли
за големите мистерии на подземните музеи
– ќе ве молам прекрасна госпоѓице
знаете ли дека
од неодамна и новороденчињата сонуваат
со милениуми и милениуми
додека лебот се стврднува на масата
а светот и понатаму неповратно брза
по сосем поинакви нешта
(1995)