бездомник
живеам во туѓи простори
меѓу туѓи луѓе го движам моето тело
луѓе коишто не го врежуваат моето постоење
туку само моите сенки
запленет пасош сум
во креденци на хотелски рецепции
ме одминуваат сигнали залутани
во етерот на радиостаниците
од јавни говорници се јавувам
го барам гласот на татко ми
тој клокоти во ехото на далечината
нѐ дели само стаклото залепено со здив
се викам со многу имиња
и припаѓам на многу нации
но само ова тело ми припаѓа
иако од него се разделувам
за да се вратам во себе
во мојот татко
во мојот дом
што не постои
[што никогаш и не постоел]
во едно име што го нема
освен она што вие ми го наметнавте:
исковано од срцевината
на моите скршени коски