Живеење само една љубовна приказна и после смртта

/, Критика, Литература/Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Живеење само една љубовна приказна и после смртта

За наративната секвенца со плетењето на ќебето романот на Лаура Ескивел можеби има реалистичен поттик во свадбарските обичаи (плетењето чеиз е транснационално и транскултурно), но, ако се потсетиме дека според Маите месечината е заштитничка на плетењето, дека етимологијата на зборот текст, исто така, е врзана со процесот на плетењето, тогаш ноќното плетење на Тита (која почнала гневно да плете и да плаче, да плаче и да плете, сè додека в зори не ја завршила покривката и не се покрила со неа. Никакво фајде. Таа ноќ, а и многу други ноќи подоцна во животот, не успеала да го истера студот), мораме да го прочитаме како шифрирано писмо во кое значењата се замаглени во јасно видливата порака чијашто смисла и со зборови ја испишувале бројни несреќно вљубени жени. Оние кои можеби само насетувале дека „љубовниот дискурс се одликува со несигурноста на својот предмет. Зборуваме ли за исто нешто кога говориме за љубовта? Што е љубовта за мене/за него? Може ли љубовта да се соопшти? Зарем не е љубовта единствениот дискурс кој е можен само во прво лице?“ (Поповиќ-Перишиќ,1988: 69)
По изјавата на љубовта, по одбиената брачна понуда, по договорената венчавка со нејзината сестра Росаура, Тита е несреќна. Лаура Ескивел ја илустрира нејзината состојба со чувството на студ, со студенилото, така соодветно, така женски поврзувајќи го со одвратноста кон белата боја која во детали ги изразува венчавката, свадбата на сестра ѝ со Педро. Чувството на студот комуницира со нејзината одвратност кон белината на шеќерот во кујната при приготвувањето на свадбениот колач и кон сите бели нешта кои ѝ се присторуваат и на кои се сеќава од минатото, па дури и ноќта во таа психолошка состојба се поништува со блескава белина!
Навистина: „… љубовта понекогаш е и жална, тажна како смрт, преголема, смртно страдање, дури и повеќе: вистинската љубов самата себеси се чувствува и самата себеси се мери според болките и страдањата за кои е способна. Жената која сака поскоро ја поднесува болката која ѝ ја нанесува саканиот, отколку безболната рамнодушност“, (Ortega y Gaset, 1989: 86) и природната женска реакција се – солзите!
Фантастиката на Лаура Ескивел таа банална реакција на секоја болка – солзите, ги користи за да направи прекрасен ефект. Торжественоста на свадбата на Росаура и Педро (во која сестрата има морална одговорност за несреќата на Тита со тоа што го прифаќа бракот со човекот за кој знае дека не ја сака) гротескно се извртува: речиси со раблеовска потсмешливост е насликана сцената на колективното празнење/повраќање на гостите на свадбата кои претходно поттикнати од својствата на свадбениот колач, колективно – плачат! Небаре универзално, со космички димензии се солидаризираат со несреќните солзи на Тита од чиешто волшебно дејство (бидејќи таа плаче додека готви за свадбената прослава) се расипал свадбениот колач. Плачот на Тита навистина можеме да го протолкуваме како депресивна хистерија, а по однос на оваа дијагноза, Кристева, мошне интересно, вели: „Тероризмот на таа депресивна хистерија честопати се манифестира со устата како цел. Многу приказни за харемот и за другите женски љубомори се посветени на сликите на трујачки како привилегирани слики на женскиот сатанизам. Труењето со пијалак и со храна сепак открива, од другата страна на разбеснетата вештерка, девојченце без гради.“ (Кристева, 1994:106) (Вечерта кога била свадбата, мајка Елена ја изнатепала како никогаш во животот. Две недели поминала в кревет, закрепнувајќи од ќотекот. Причина за толку строгата казна било верувањето на мајка Елена дека Тита, во договор со Нача, намислила да ја уништи Росаурината свадба, па во колачот ставила нешто што предизвикува блуење.)
Откако Педро, при примањето на честитките по свадбената церемонија, ќе ја искористи можноста да ѝ рече на Тита: … зашто со овој брак го постигнав она по што копнеев: да бидам близу до вас, жената која вистински ја сакам…, тие двајцата минуваат во повисоката фаза на страдањето/живеењето на својата љубов и страст.
Како своевиден доказ дека романот на Лаура Ескивел навистина аргументирано можеме да го „етикетираме“ како женско писмо можат да послужат секвенците во кои читателот дознава за чувствата на Педро низ фокусацијата на Тита во нивната ограничена, оневозможена комуникација и низ многу ретките објективни сезнаечки коментари на нараторот: (Дотогаш Педро веќе сфатил дека нема да може уште долго да ја избегнува својата должност на пастув, па ноќта, се разбира, користејќи ја свадбената покривка, клекнал крај креветот небаре за молитва, и рекол: – Господи, не е ниту порок ниту блуд, туку само да ти дарувам син во твоја служба.)
За своите ликови Тита и Педро, Лаура Ескивел симулира паралелен брак кој е сиот од флуид и копнеж. Без сексуален контакт, Тита му станува вистинската мајка на синот на Педро. Таа „учествува“ и во неговото раѓање, со тоа што неуко и исплашено, во паника ќе помогне во раѓањето на својот внук, снаоѓајќи се, со скапоцената помош на гласот на Нача која ѝ ги кажува важните нешта кои никој никогаш не ѝ ги кажал за животот, и на тој начин има мотив да смета дека симулираната фаза на породувањето е и нејзино сопствено физичко искуство.
Вистинската физичка врска мајка:дете Тита ќе ја оствари со доењето, со кое Лаура Ескивел на прекрасен начин поврзува неколку наративни нишки на својот текст, користејќи го овој биолошки аспект на жената по неколку насоки: лактацијата (освен некои патолошки форми) е исклучена кај жените кои не родиле, таа е доказ на физичкото мајчинство; со млекото кое на чудесен начин се појавува од нејзините гради, Тита го остварува посвојувањето на својот внук подарувајќи му го првиот доказ за сигурност и љубов ѝ храната која таа, во инаква форма, ја доби од Нача – со сосем истата мајчинска грижа и љубов. („… млекото е совршен симбол на духовната храна. (…) аспектот на добрата мајка која го дава млекото на вистината, наспроти лошата мајка која дои змии. Напојувањето од градите на Мајката Божја е знак на посвојување, според тоа, на врвно сознание. Херакле го дои Хера, свети Бернард го дои Девицата…“ (Chevalier, J.; Gheerbrant). По таа линија на мајчинството Нача и Тита се двојнички, како што се двојнички по однос на немајчинството мајка Елена и Росаура кај кои Лаура Ескивел го потенцира отсуството на лактацијата (тогаш кога вистински, физички стануваат мајки) што комуницира и со психолошките атрибути кои им ги придава во романот.

АвторЈадранка Владова
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 02, Критика, Литература|