Живеење само една љубовна приказна и после смртта

/, Критика, Литература/Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Љубовната приказна на Тита и Педро вистински почнува една година пред времето на дискурсот, исто така на Божик (овој голем христијански празник тука функционира со сета своја симболика на почетокот, на раѓањето) со дијалогот на Тита и Педро во кој тој бара одговор за својата љубов. Кога таа ќе побара време за размислување, тој завршува со категоричните зборови: „Не, не можам, веднаш сакам да ми одговорите: за љубовта не се размислува, таа или се чувствува или не се чувствува. Јас сум човек кој малку зборува, но моите зборови се цврсти. Ви се колнам дека цел живот ќе ве сакам. А вие? Истото ли го чувствувате за мене?“. Тита одговара потврдно и со тоа се овозможува фонот за идната попречена, несреќна љубов во натамошниот тек на текстот);
5. Лаура Ескивел во опозиција со доминантната, сурова, егоистична мајка (мајка Елена) ги дефинира атрибутите на ликот на готвачката Нача како замена за мајка (Нача, за која не постоеле тајни во кујната, а знаела уште и многу други работи, што сега не е важно, веднаш се понудила да се грижи за исхраната на Тита. Сметала дека е најповикана по прашањето за „полнењето на мешето на рулчето“, иако таа никогаш не била мажена, ниту пак имала деца. Била неписмена, но, што се однесува до кујната, ѝ немало рамна; Така Нача станала нејзина главна другарка во играта). Во атрибутите на Нача ги читаме генерално и атрибутите на т.н. Човек од народот кој „во романот мошне често има идилично потекло. Такви се ликовите на слугите кај Валтер Скот (Савељич кај Пушкин), кај Дикенс, во францускиот роман (од Животот на Мопасан до Франсоаз кај Пруст) ѝ сето тоа се ликови на Оверњанки, Бретонки, кои во себе ја носат народната мудрост и идилата на локалното. Човекот од народот фигурира во романот како носител на мудриот однос кон животот и кон смртта, којшто го изгубиле владејачките класи (Платон Каратаев кај Толстој). Од него особено често се учи токму мудриот однос кон смртта (Трите смрти на Толстој). Со неговиот лик честопати се врзува и особеното толкување на јадењето, пиењето, љубовта, раѓањето на децата. Тој е и носител на вечно производниот труд.“ (Бахтин, 1989: 363)
Нача, кралицатата на кујната, во својата мајчинска љубов кон Тита е опозитно поставена во однос на ликот на мајката. Таа со месеци ќе штеди за да ѝ ја купи на Тита посакуваната играчка здогледана во излогот на продавницата. Нача, која на крајот од II глава умира со избледнета фотографија на некој одамнешен свршеник в раце, со своите женски атрибути на несреќата, всушност, ѝ е двојничка на Тита. Но, сепак, главниот атрибут на ликот на Нача е тоа дека таа по/во II глава на романот е мртва. Таа продолжува да комуницира со Тита учествувајќи во амалгамот на фантастиката со кој е преслечен дискурсот ненаметливо и тивко, волшебно компензирајќи ѝ ја на Тита отсутната мајка во сите важни ситуации во кои ѝ е неопходна нејзината помош. По оваа линија на фантастиката на Лаура Ескивел, мртвата Нача подоцна низ текстот ќе ја добие другата своја двојничка – исто така мртва, бабата на Џон, чудната Индијанка која како во огледало ги содржи атрибутите на Нача. Пред сè – мајчинската грижа за неа во еден од кризните мигови. Интересно е да се одбележи дека во романот се користи веќе видената постапка на латиноамериканската проза (која, всушност, и нема ексклузивно право на неа) – ликовите на мртвите да учествуваат во настаните. Но, Лаура Ескивел во оваа позиција ги поставила само женските ликови: Нача, бабата на Џон и мајка Елена.
6. Важен елемент на романот Како вода за чоколада е нешто што го нарекуваме болест на болката (Јулија Крстева, пишувајќи за Маргарет Дирас, ја користи оваа синтагма како генерален белег на прозата на Дирас) мислејќи, пред сè, на ликот на Тита, но и на генералните белези на дискурсот кој селектирајќи мисли женски. (Во светот на ликовите на романот доминираат женски ликови. Во куќата на дона Елена живеат: таа, трите ќерки, слугинките кои се потенцирани со местото во важните сегменти на семејниот живот супериорно и ги надминуваат слугите од машки пол во востановената матријархална хиерархија.) Сопругот на дона Елена се спомнува во минато време, во презентот на дискурсот тој е мртов, но не онака како што е мртва Нача. Синот на Росаура и Педро умира речиси како бебе. (Тие двајцата ја прават машката рамка во чијшто центар суверено ќе (по)стои Педро за Тита. Отсутната татковска фигура и кусотрајната егзистенција на адоптираниот син уште посилно ќе ја фиксираат љубовта на Тита). Педро и Џон ја прават двојката која треба да ја сугерира двополовоста на светот. Секако, како машки елемент, ги респектираме и бунтовниците, блиските на Гертрудис со кои Лаура Ескивел, всушност, ја оптоварила приказната и со историско-политичката алузивност, која според нас, е најслабото и најмелодраматичното место во романот. Низ фокусацијата на ликот на Тита, Лаура Ескивел ја сугерира женската инфериорност, како и женското ексклузивно право на болка во несреќната љубов. Или, попрецизно е да се каже дека двојката ликови Тита:Педро ја почитуваат дистинкцијата која Ортега и Гасет ја прави велејќи: „Исклучителноста на мажот, значи, се состои во дејствувањето, а на жената во битието; или инаку речено: вредноста на мажот се содржи во она што тој го прави, а на жената во она што таа е.“ (Ortega y Gaset, 1989:23) Педро навистина дејствува. Се согласува да се ожени со сестрата на Тита. Воден од рационални причини, во својата љубов кон Тита, тој ќе го реши, на машки начин, својот проблем – по секоја цена ќе биде до жената што ја сака, измамувајќи ја тештата која со будно око ќе ги следи вљубените. Тој, исплашен дека таа ќе се омажи, речиси ќе ја силува и агресивно ќе земе буквално сè од жената која, иако вљубена во него, има право и на брак и на семејство какво што тој веќе остварил со Росаура.
Тита, (за која смеењето било еден од начините за плачење), е пасивниот, страдалнички принцип. Таа својата болест лаички и, повеќе – интуитивно ќе ја дијагностицира како болка слична на гладот, но и како пожестока, ненадоместлива празнина која ареалот на стомакот– желудникот– храната го заменува, го префрла врз ареалот на стомакот-матката-еротиката.
Тита ќе ја материјализира својата болка во ќебето што ќе го исплете ноќта во која ќе биде најнесреќна поради веста за венчавката на нејзината сестра со Педро. (Во нејзината свест клука мислата дека непристојно е да се сака идниот маж на својата сестра, додека кај Росаура, како што ќе забележи третата сестра, Гертрудис, не постојат скрупули, нема грижа на совеста дека добива нешто што е откраднато од друг. Со тоа Лаура Ескивел ги потенцира исклучителните атрибути на Тита во оваа, сепак, игра на судбината.)

АвторЈадранка Владова
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 02, Критика, Литература|