Живеење само една љубовна приказна и после смртта

/, Критика, Литература/Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Разделувањето од Педро, и уште повеќе разделбата со усвоениот син, кај Тита ќе ја подготви идната вистинска депресија која благо тлеејќи се подготвува од детството (поради отсуството на мајчинската љубов), и се продлабочува преку забраната да ја реализира љубовта со Педро. Вистинската кулминативна точка е смртта на внукот. Мошне интересно е дека Лаура Ескивел, во својата видлива постапка на правење двојки и двојници во ликовите, по заминувањето на внукот, за Тита го измислува беспомошното гулапче како компензација на објектот за хранење со што таа ја изразува својата сушност, својата природа на Големата хранителка. (Во оваа функција Лаура Ескивел суптилно ги удвојува мајчинската и еротската функција, бидејќи Тита, како и Нача претходно, е мајка-хранителка, но истовремено таа е и Заводничка со виртуозно приготвената храна како своевиден љубовен дискурс.)
Во наративната секвенца со доењето, Педро, на сликата на градите на Тита, реагира нежно, како патер фамилиас, а не еротски (Тита била отелотворение на самата Серес, божицата на храната. Педро воопшто не се изненадил, ниту пак барал објаснување. Восхитен и насмеан, им пристапил, се наведнал и ја бакнал Тита в чело. Тита го тргнала детето од боската, веќе било сито. Тогаш Педровите очи го виделе тоа што порано го гледале само преку блузата: боските на Тита. Тита се обидела да ја навлече блузата, Педро притоа ѝ помогнал, молкома и многу нежно. Додека го правеле тоа, биле преплавени од цела низа чувства: од љубов, од копнеж, од нежност, од повтеж, од страв… Од страв дека ќе ги откријат.)
Се чини дека со оваа секвенца текстот открива уште една моќ на љубовта за трансформација, за нова манифестација. Во саможртвата на љубовниците, во нивниот растеж во љубовта (иако тоа можеби е повидливо, сепак, во пасивниот, женски принцип), небаре ја читаме дистинкцијата на Бодријар: „…Заведувањето е паганско, љубовта е христијанска.“ (Бодријар:86)
Лаура Ескивел во својот роман го воведува ликот на лекарот Џон Браун како двојник на Педро. Во неговата градба се видливи атрибутите што како стереотипи ги читаме во мелодрамата како жанр (тој е лекот за ранетото срце, сигурното рамо за плачење), но ликот на Џон Браун е генератор и на неколку важни аспекти на нарацијата. Тој со своите атрибути, покрај можностите за читање низ мелодраматичниот код, ги содржи и објективно лечебните атрибути (кои ги читаме во кодот на традиционалниот психолошки роман) со кои терапевтски ќе ѝ помогне на Тита во емоционалната криза, во најтешката фаза од депресијата, со еманципацијата, пред сè, во однос на мајчинскиот авторитет. Авторитотот на мајка Елена ќе пукне по извикот на Тита дека таа е виновна за смртта на внукот, но вистинското ослободување од него Тита ќе го направи кога гласно ќе каже дека ја мрази својата мајка и кога по нејзината смрт ќе си признае дека не чувствува никаква болка. По смртта на својата мајка Тита ќе го открие единственото човечко место во неа – ќе ја реконструира тајната љубовна приказна на својата мајка со мулатот со кој вонбрачно е добиена сладострасната ќерка Гертрудис. (Низ размислувањата на Тита, Лаура Ескивел ни ја сугерира аргументацијата за атрибутите на Гертрудис мотивирани со жешкото наследство на црнечката крв.) Имплицитно од оваа епизода ги добиваме и податоците за едно можно оправдување за однесувањето на мајка Елена кон својата најмлада ќерка: Тита е родена како последно дете од законскиот маж, по вонбрачната ќерка со забранетиот, саканиот, подоцна убиен љубовник, па „логично“ е дека семејната традиција ѝ најмладата ќерка да се грижи за мајката до нејзината смрт, ќе се засили со нетрпеливоста, со непријатните однесувања поради оваа сопствена несреќа и незадоволство од судбината.
Докторот Браун, според лечителската функција прави двојка со ликот на својата баба, Индијанката „Светлината на Мугрите“ која, освен со објективно (за)дадените атрибути на егзотична туѓинка ѝ треварка и чудесна исцелителка, врз Тита терапевтски влијае со својата сличност со Нача. (Интересно е дека ликовите-двојници на Лаура Ескивел речиси редовно се „пресликуваат“ и во инаков вид двојничка релација, па тие релации во мрежата што ја прават ликовите во романот Како вода за чоколада се восприемаат како видливи, јасни четириаголници.)
Во VI глава, јуни, Лаура Ескивел како поднаслов напишала: Смеса за правење кибритчиња. Оваа глава квантитативно се наоѓа некаде во средината на текстот и за фабулата е важна, бидејќи Џон Браун ја раскажува приказната за теоријата на баба му, која пак има антиципирачка функција за натамошниот тек на фабулата: сите се раѓаме со кутиче кибритчиња в џеб ѝ не можеме да ги запалиме самите, па, исто како и во експериментот, ни треба кислород и помош од една свеќа. Само што во тој случај кислородот мора да потекнува, на пример, од здивот на саканото лице, а свеќата може да биде некое омилено јадење, музика, нежност, збор или звук што ќе го спотнат секалото и ќе запалат едно од кибритчињата… Секое лице мора да си открие кои се неговите секала за да може да живее, зашто огнот што пламнува кога ќе се спотне некоја од нив ја снабдува душата со енергија. Со други зборови, тој оган е храна за душата. Ако човек не си ги открие навреме сопствените секала, кутичето со кибритчиња ќе се навлажни и тој никогаш веќе не ќе може да запали ниту едно од нив. Ако се случи тоа, душата го напушта телото, лунѕа низ најдлабоки темнини и залудно се обидува самата да пронајде исполнување, несвесна дека тоа може да ѝ го овозможи само телото што го оставила, незаштитено и исполнето со студенило… Многу треба да се внимава кибритчињата да се палат едно по едно. Зашто, ако поради некое силно чувство се запалат сите одеднаш, доаѓа до толку заслепувачки болскот што ќе го осветли дури и она што нормално не го гледаме и тогаш пред очи ни излегува еден многу сјаен тунел што ни го покажува патот, заборавен во мигот на раѓањето, и нè кани повторно да си го најдеме своето божествено потекло. Душата сака пак да се соедини со средината од којашто потекла, телото го остава испразнето…
Молчењето на Тита е реакција на болката, таа не сакала нејзините зборови да искажуваат болка. Нејзиниот одговор на прашањето на Џон зошто не зборува: Оти не сакам, напишано на ѕидот е првиот чекор кон слободата и кон оздравувањето кое Лаура Ескивел, секако, мора да го поврзе со аспектот храна. Чорбата од говедски опашки е лекот кој ќе го донесе слугинката од имотот на мајка Елена, но со неа неминовно се појавува мајчинската фигура на Нача: Уште при првата голтка, Нача седнала крај Тита, ја погалила по главата додека јадела, како што тоа го правела некогаш, додека Тита била дете и боледувала, и површно ја бакнала в чело.

АвторЈадранка Владова
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 02, Критика, Литература|