Живеење само една љубовна приказна и после смртта

/, Критика, Литература/Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Живеење само една љубовна приказна и после смртта

Ако ги имаме предвид овие сфаќања кои во човечкото знаење се наталожиле преку влијанијата од различните култури, тогаш, се чини, дека на соодветно место ќе се вратиме на женското писмо кое „(…) е во исто време работа во текстот како истражување на можностите и на формите, па на тој начин и нагласка врз означувачкото, граматичките и прозодиските истражувања, транс-текстуалните проседеа, бришење на жанровите. И на крајот, во текстовите кои ги пишуваат жените се укинува картезијанската подвоеност на духот и телото. Телото станува не само тема туку и мотивација за пишување, и принцип на неговото структуирање.“ (Поповиќ-Перишиќ, 1988: 49)
Лаура Ескивел виртуозно, во Првата глава ги ситуира сите елементи релевантни за приказната на својот роман:
1. Веднаш, по неутралниот, безлично напишаниот текст на првиот рецепт во романот, во делот означен како Начин на приготвување, Лаура Ескивел ја користи можноста во јас-исказот (Кромидот ситно исечкајте го. Ви препорачувам да го ставите во машина за мелење месо, за да го избегнете непријатното солзење до кое доаѓа при сечкањето кромид) да укаже на идентитетот на нараторот. Всушност, нараторката (Мајка ми ми велеше дека сум осетлива на кромид, како и Тита и тетка ѝ на мајка ми, која како внука, како дел од семејството и од неговата историја се верифицира како информиран наратор. Но, и покрај тоа што Лаура Ескивел суптилно, со прекажаност ја нијансира сезнајната раскажувачка позиција со фактот дека на внуката изворно ѝ биле раскажани настаните (Велат дека Тита била толку чувствителна…) кои таа од позиција на наратор ги раскажува, формите на минатото време се чувствуваат и како алиби за генерациското разминување на овие два лика кои функционираат како двојнички во бинарното структуирање на ликовите во романот. (Мајка ми ми велеше дека сум осетлива на кромид, како и Тита, тетка ѝ на мајка ми, вели нараторката на почетокот од романот и: … можеби затоа што сум осетлива на кромид, како и Тита, тетка ѝ на мајка ми, која ќе живее сè додека постои некој кој ќе готви според нејзините рецепти заклучува сосем на крајот од романот.) Оваа метаописна рамка посочува на двојната природа на дискурсот на рецептот во структурата на романот. Тој, од една страна, се согласува со кажувањето на Бахтин дека „сите тие жанрови кои влегуваат во романот ги внесуваат во него своите јазици и затоа го раслојуваат јазичното единство на романот и на нов начин го продлабочуваат неговото говорно разнообразие. (…) Жанровите воведени во романот можат да бидат и директно интенционални, можат да бидат и потполно предметни, то ест потполно лишени од авторската интенција – не со кажаното туку само со покажаното, како предмет, со еден збор – ама тие најчесто помалку или повеќе ги прекршуваат авторските интенции, при што нивните поединечни моменти можат различно да се оддалечат од последната смисловна инстанца на делото (…) тие во романот ги внесуваат своите јазици, ама тие јазици се значајни, пред сè, како предметно-продуктивни поаѓалишта кои се лишени од книжевна условност и кои го прошируваат книжевно-јазичниот видокруг, помагаат во литературата да се освојат нови светови на вербалната свест, веќе допрени и делумно освоени во другите „вонкнижевни“ сфери на јазичниот живот“ (Бахтин, 1989: 81-84), а од друга страна, тој е шифриран текст, тој е всушност љубовниот дискурс на Тита која со отелотвореното писмо, со приготвената храна, соодветна, според признанието на Педро, за трпезата на боговите, му ја покажува својата љубов на саканиот.
2. Лаура Ескивел го посочува хронотопот на кујната во врска со ликот на Тита (Така, од тој ден Тита преминала во кујната, каде што растела здрава и весела со бакрданик и со чаеви; Оној кој го запознал животот преку кујната, тешко може да го сфати надворешниот свет).
Според Башлар куќата го симболизира внатрешното битие. Катовите, визбата и таванот ги симболизираат различните состојби на душата. Визбата му соодветствува на несвесното, а таванот на духовното воздигнување. Во таа смисла, психоанализата во соништата открива различни значења, а конкретно кујната ги симболизира алхемиските промени и психичките преобразби, внатрешниот развиток. (Chevalier, J.; Gheerbrant: 1983)
3. Укажува на релацијата мајка:ќерка, на смртоносната симбиоза со мајката, необично важна за заплетот (го мотивира идното студенило на мајката со биолошки невоспоставената врска во најраното детство на Тита: Мајка Елена толку многу била потресена, што го загубила млекото; нечовечноста, егоизмот и супериорноста на мајката ја потенцира при дијалогот за брачниот предлог на Педро: „И самата знаеш дека ти, како најмладо женско во семејството, треба да ме гледаш додека не умрам“; агресивниот, беспоговорен авторитет кој не ја поднесува логиката на туѓите аргументи – како атрибути на ликот на мајка Елена, го посочува во секвенцата со одлично направениот фустан кој мора да се распара и повторно да се сошие само според нејзините правила);
4. Лаура Ескивел во основата на својот роман ја поставила љубовта како спиритус мовенс. Таа, во својот третман во романот Како вода за чоколада, можеби, кај многумина ќе го предизвика впечатокот за мелодраматичност, дури и патетичност. Но, тој впечаток треба, секако, да се провери, бидејќи, мораме да се согласиме дека и животот и литературата докажале дека „да се живее само една љубовна приказна до смртта ќе биде и натаму привилегија на некои личности. Нема, всушност, никаква причина за помислата дека тие утре ќе бидат помалубројни од вчера.“ (Бадентер:1988:264)
Интересно е дека романот на Лаура Ескивел не го користи стереотипот: „Мажот заминува и тука почнува драмата, и литературата.“ (Поповиќ-Перишиќ,1988:73) Педро останува покрај својата сакана, онолку близу колку што дозволува неговата одбиена понуда за брак, па тоа останување, коешто навидум може да изгледа како машки прагматизам, се престорува во движечка сила која го онеобичува мотивот на забранетата љубов, бидејќи „искушенијата, пречките, забраните ги сочинуваат предусловите за страста.“ (Бадентер:1988:253) А на Педро му се забранува да го искаже и својот восхит за храната која Тита со толку љубов ја подготвува. Мајка Елена го спречува тој љубовен, а навидум безопасен дијалог, со категоричното барање Педро да не ѝ прави комплименти на Тита за приготвената храна. Токму затоа што, како што одамна се знае, патиштата до срцето на мажот водат преку стомакот. Но, овој фразеологизам е само патемно реализирана коинциденција, бидејќи на Тита и на Педро прво ќе им се случи љубовта, па дури потоа ќе го изнајдат совпаѓањето на еротското и на сладострасноста во вкусувањето на храната во својата попречена љубовна комуникација.

АвторЈадранка Владова
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 02, Критика, Литература|