Фантастиката во делото на Сречко Косовел

/, Литература, Блесок бр. 51/Фантастиката во делото на Сречко Косовел

Фантастиката во делото на Сречко Косовел

Ознаката „фантастика“ Косовел ја употребува во значење „начин на изразување“, кој на авторот му овозможува поголема субверзивност во однос кон стварниот свет. Таквото поимање е многу далеку од класичното поимање на фантастиката4F, без оглед дали таа е поврзана со прозата или со поезијата. Од текстовите настанати за времето на првата, историска авангарда, значи во Косовеловото време, кон неговото поимање на фантастиката најмногу се приближува мислењето на Евгениј Замјатин, руски инженер и авангарден писател. Во прозното творештво на Замјатин се забележува удел на сатирата, гротеската и фантастиката. „За учител го признавале серапиновците и конструктивистите“, нагласува Драго Бајт во поговорот кон словенечкиот превод на романот Ние. За фантастиката, Замјатин размислува во есејот „За синтетизмот“, првпат објавен во 1922 година, и тоа како вовед кон сликарската папка Портрети. Во написот за сликарот Јуриј Аненко, Замјатин исто така ја поставува фантастиката на трето место, како што ја поставил и Косовел во записот за поетот Груден. Кај Замјатин редоследот е ваков: реализам, симболизам, фантастика:
„Ајнштајн од средиштето ги искорнал дури просторот и времето /… / По овој геометриско-филозофски земјотрес што го предизвикал Ајнштајн, до крај се уништени на претходниот начин сфатените простор и време /… / Во литературните слики настапуваат заедно и во ист ред: мамутите и куќните светци од Петербург /… / Се случи поместување на нивоата во просторот и времето.“
Уметноста, која расте од новата, денешната реалност, не може да биде друго освен фантастична, вели Замјатин. Тоа е фантастика што живее и дише во истиот простор заедно со најбаналните детали:
„И сепак, сè уште постојат куќи, чевли, цигари; и покрај бирото каде што се продаваат билетите за Марс се наоѓа дуќанот со колбаси. Секоја ситница може да се опише; сè има своја мерка, тежина и мирис; од сето излегува сок како од врела вишна. Од истиот камен, чевелот, цигарата, колбасот – фантазми и соништа.“
Се работи, значи, за фантастиката како последица, како резултанта на свеста за релативноста на времето и просторот. Она што ни се чини наше, домашно, ситно и безначајно – на пример, кожата и влакната на човечката рака – одеднаш, под микроскопот, се покажува како планини, пештери и огромни стабла на непознати растенија. – Таквото поимање на фантастиката е – така се барем чини – најблиску до Косовеловото. И Косовеловите соништа и фантазми произлегуваат пред сè од неговото ново, модерно поимање на просторот и времето: „Времето и просторот се само две релации на релативноста во космичкиот простор, кој е синтеза на времето/просторот“, вели нашиот поет. Поимањето на модерната фантастика што го наоѓаме кај Косовел се однесува пред сè на техниката на творештвото, на начинот на организирањето на поетскиот материјал. А тој е условен со силната желба на модерниот автор да ја открие меѓусебната поврзаност и релативитетот на вистинскиот свет, релативитетот на времето и просторот. Обид да се пробие „од онаа страна“ на видното/божемно е субверзивен, пародичен, сатиричен и секогаш напнат: напнатост владее помеѓу обичниот, „вистинскиот“ лик и оној кој е некаде „одзади“, а, бидејќи несфатлив, дури и мистичен.

***

Во Косовеловата поетска збирка Интеграли, првпат објавена дури во 1967 година, фантастиката е сеопшта, присутна од самиот почеток па сè до крајот на песната; значи, не ги среќаваме само фантастичната атмосфера и фантастичните епизоди, елементи, моменти, туку сеопштиот хаос. Светот е превртен наопаку, депресивен, натприродното се преплетува со природното, а секојдневното со крајно чудните случки: „Мојот црн тил се шета. Во фрак. Како магла. Целата земја загрната, глува. На сеното лежи меланхоличниот мачор. Квичи со својата златна виолина! Да, да, да. А А А / А А А.“
Песната „Евакуација на духот“ го попишува физичкото случување на она што значи изреката: Духот на поетот е блескав. Кон крајот се материјализира и романтичарската теза за вечниот судир и неразбирањето помеѓу поетот и неговата средина: поетот е неразбран во светот и во времето на коешто припаѓа. Веќе од првата книга на Собраните дела, значи, од раната Косовелова ера, знаеме дека овој поет е опседнат со светлината, со жарењето; огновите лижат од секаде. Но никаде нема толку светлина и жарење колку во оваа песна:
Духот во просторот.
ПОЖАРОТ на луњите ја РАЗЖАРУВА темнината.
Духот ГОРИ во просторот.
Магичното СВЕТЛО го РАСВЕТЛУВА.
Зелените прозорци на РАСВЕТЛЕНИОТ
брз воз на вијадуктот.
Самиот ГОРАМ и во себе СВЕТАМ;
слепите ја чувствуваат само електриката
на моето СВЕТЛО, тие не ја гледаат МУГРАТА.
А сите треперат како јас,
како во смртен опој.
И не знаат дека тоа е треперење
на крилјата што сакат да се распрострат
да се ВЖАРАТ како ЗЛАТЕН ОГАН во ноќта.
И ги колнат полицајците на СОНЦЕТО
кои спијат ноќе
како малограѓани.
И сите луѓе спијат ноќе
и не ги чувствуваат магичните откритија
што СВЕТАТ во мене и од мене.
Луѓето се евакуација на духот.
Аномалијата на психологијата.
Во песната од 22 реда, 15 пати се појавуваат глаголите или именките со значење светлина, оган, мугри, сонце; пожарот разжарува, гори, светлото расветлува – просторот е, значи, разжарен, усвитен. Низ горењето брза расветлениот брз воз. Во сеопштата расвета, субјектот вели: „самиот горам и во себе светам“. Во песната не настапува само лирскиот субјект, туку и оние што би требало да ја сфатат оваа светлосна еуфорија. Но поетот веднаш додава: „слепите ја чувствуваат само електриката на моето светло, тие не ја гледаат муграта“. Иако светлината е толку силна што ја „разжарува темнината“, луѓето се слепи и не го гледаат ова светло. Но сепак ја посакуваат светлината („ги колнат полицајците на сонцето, кои спијат ноќе, како малограѓани“), заедно со поетот тие „треперат како во смртен опој“ и ја „чувствуваат електриката на моето светло“, што значи дека се вознемирени, исплашени, но слепи, и затоа не знаат дека електриката, тоа треперење на поетовите крилја, е последица на некој космички процес, којшто поетот го изразува фигуративно, велејќи дека неговите крилја „сакаат да се распрострат, да се вжарат како златен оган во ноќта“.
Косовел пее за стариот конфликт на поетот и неговата средина, и тоа така што ја материјализира фигуративната мисла, којашто вели дека поетовиот дух е светлото што треба да им свети на луѓето, но луѓето не се способни да го видат ова светло, оти тие се празни, тие се без дух, бидејќи настапила евакуацијата на духот. Песната, од една страна, ја прикажува сеопштата продуховеност на просторот (поради што тој е самото светло, разжарениот, златен оган), и заспаноста, слепоста на луѓето, евакуацијата на духот, од друга. Ткаејќи ја песната од усвитени фигури и материјализирајќи ја поговорката, Косовел пред читателот ја поставува приказната која е многу повеќе од гола алегорија (кога велам: „поетовиот дух е сјаен“ тоа е алегорија и ќе ја разберам така што ќе мислам на тоа што сè е способен овој дух да создаде, колку рими, ритми, мелодии, колку нови слики и значења…): меѓутоа, Косовел оваа фигура ја сфаќа буквално, доведувајќи го пред читателот водопадот на зраци, светла, златни огнови, разжарени пожари, што во просторот се движат како брз воз; од некоја многу обична, сеопшта „вистина“, која е веќе толку изветвена што никој повеќе не може да ја сфати буквално, Косовел се враќа во оваа буквалност и со реторзијата ја гради фантастиката, фантастичната атмосфера, што читателот – дури и читателот на кого смета и со кого комуницира во самата песна – го потресува, вознемирува, поради што тој започнува да трепери „во смртен опој“.

#b
4. Бидејќи овде немаме време ни место прецизно да ги прикажеме модерните теории за фантастиката во литературата, само ги наведуваме статиите на коишто се потпираме во нашава статија Roger Caillois, V srcu fantastike, Tzvetan Todorov, Introduction a la Litterature Fantastique, Seul, Paris 1970; Radovan Vučković, “Oblici fantastične književnosti”. Izraz XXX/1986, št. 7-8; Srpska fantastika. Natprirodno i nestvarno u srpskoj književnosti. Ur. Predrag Palavestra. SANU, Beograd 1989; Zoran Mišić 1821-1976. Zbornik. Ur. Sveta Lukić, Đorđije Vuković, Jovan Hristić. Beograd 1978. – Мишиќ се занимавал со фантастиката веќе во педесеттите години и во Белград во 1954 година ја оформил збирката „Орфеј“, во којашто најпрвин ја објавил книга „Златното магаре“ на Апулеј. – За сеопштата фантастика и за нејзиниот субверзивен однос кон стварниот свет пишувал и Сартр во текстот „Аминадаб“ или фантастично како начин на изразување. Во книгата: J.P.S. Izabrano delo, knj. VI. Nolit, Beograd 1981, str. 209-233.

АвторМарија Митровиќ
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 51|