Фантастиката во делото на Сречко Косовел

/, Литература, Блесок бр. 51/Фантастиката во делото на Сречко Косовел

Фантастиката во делото на Сречко Косовел

Слична интеракција на душата и светлината забележуваме и во песната „Недела на село“:
Синото небо над тебе, над мене,
на полето сонцето блескоти,
како облаци на небото
радост од душата претекува, претекува.

Божилакот меѓу нас се распна,
преку него душите ќе одат,
покој, мир, спасение, тишина,
од пејзажов ќе пијат.
Фантастиката никнува од тесниот спој помеѓу субјектот и блескавиот пејзаж; „божилакот“ се распнува помеѓу тебе и мене; токму како што тоа го бара литературното дело проткаено со фантастиката – Косовел ги создава сликите на светот што се некаде помеѓу реалното и надреалното: со најголема леснина се случува преминот на душата во материја, па и обратно: преминот од субјектот во дух, овде претставен со божилакот, кој е еманација на светлината.
Да споменеме уште една од навистина многубројните Косовелови песни што зборуваат за светлината. Во песната „Дрвото во снегот“ само на почетокот го имаме „првиот степен“ на фантастиката: алегоријата преминува во фантастика, јазичниот израз што би требало да има преносно значење, има всушност стварно значење (кога блескоти сонцето, на снегот се жолтат златните зраци што овде стануваат „суво злато“). Потоа одеднаш во песната удира нешто многу вознемирувачко: во златниот снежен пејзаж влегува лирскиот субјект, и тоа од „пејзажот на смртта“. Неговата осаменост (тој човек е „сам за себе повик и одек“) има паралела во осаменоста на „тивкото и црно дрво“ кое самува „во злато, во снег“. Комуникацијата меѓу субјектот и објектот, меѓу материјалниот и духовниот свет – нема граници; „тивко, црно дрво“ кое „ги ослушнува далечините“ и „им подава рака“, комуницира со осамениот и чуден лирски субјект; таа сеопшта комуникација ги релативизира времето и просторот (на човекот му е недопирлив „пејзажот на смртта“, дрвото се не поместува, но ги ослушнува далечините). Мистика и одредено стресување го обзема читателот пред оваа без зборовна, но сеопшта комуникација на материјалниот и духовниот свет во просторот бел и златно блескотен.
Сончевите зраци, светлината воопшто, има кај Косовел силна моќ на преобразување, трансформирање и анимација на предметниот свет: „магијата на зајдисонцето“, како што тој ја нарекува, во песната „Смеата на кралот Дада“, ја менува сивата меланхолична стварност во „белата пирамида“ и затоа е „опасна за државата“. Со помош на зраците (сончеви, утрински, вечерни, весели, тажни, живи, мртви…) Косовел нè води на патувањата во времето и просторот, нè доближува или оддалечува од етичките вредности на коишто почива светот; всушност, со помош на светлината, Косовел сака да нè доведе до космичката фантастика.
За нашиот поет на фантастиката исклучително е значаен процесот на де-реализација, значи оттргнување на нештата од нивната „супстанција“, нивната реалност, како и процесот на вплетување на светлината и нејзините значења во содржината на песната. Така, со тек на времето, Косовеловата песна станува сè повеќе гола форма, проткаена со светлина. Во тој контекст доаѓаме до вонредно интересни разлики меѓу раните и подоцнежните песни за есента. Во раните песни есента е „сиво рано утро“ („Есента“), „срцето го прекрива тага на октомвриското поле“ („Октомври“), „секој по свое ја брка тагата“ („Крашка есен“); кога „есенското цвеќе ја затвора чашата“ тогаш е „тажна мојата смеа“ и „тажни се моите соништа“ („Есента“). Во фазата на „сеопштата“ фантастика, во збирката Интеграли, кога јазикот толку се отвора и разврзува, бидејќи треба да ја „покрие“ сеопштата трансформабилност на живиот свет на светлината, на сончевите зраци и на светлината воопшто, тогаш и во песните за есента наместо меланхолијата и тагата се јавува јасноста: „Есенски тивко е во мене / и надвор. Убаво / каде што помислувам“ („Есенски тивко“). Во „Конс“, кој започнува со стихот: „Лута есен доаѓа“, меѓу другото читаме и: „Мојата мисла / блескоти повеќе од ѕвездите. / Одам без цел / и твоето куче на мене / лае“. Објективно, ситуацијата е многу темна, бесцелна, па сепак субјектот е полн со верба, енергија, светлина, ведрост. Најголема подвижност и светлина есента ќе има во песната „Есента“, што започнува со стиховите: „Зелениот венец се смрзнува / на гробот на пријателот“. Освен природното цикличко перпетуирање на меланхоличните емоции, што кај овој поет во рано доба ги предизвикувала веќе есента како таква, овде како дополнителна причина за мрачните расположенија се јавува смртта на пријателот. На неговиот гроб „ Зелениот венец се смрзнува“. Во песнава навистина ќе го прочитаме и стихот: „Студот доаѓа во моето срце“, но веднаш потоа следува стихот: „Љубовта го предизвикува духот“. Напнатоста помеѓу „студот“ и „љубовта“ во ова песна и понатаму расте, и крајот на песната е во знакот на оваа отворена неодлученост и неодлучност, но сепак внесувањето на космичките димензии во конкретниот есенски простор некако го поместува целосниот впечаток во светлите и сребрени простори. Далеку од паралелизмот меѓу есенската сива боја и внатрешната меланхолија на субјектот, напнатата игра на светлината и сенките во космосот во Косовеловите песни на „сеопшта“ фантастика толку се заплетува што ѝ нема спас: играта останува сплетена, двојна, напната, контрадикторна.
Во песната „Есенски пејзаж“, последната песна од збирката Интеграли со „есенската“ тематика, станува очигледно како преку светлината и космосот во Косовеловата поезија некако природно и логично се вклучува и колективистичката и есхатолошката „верба во човештвото“:
Трезен човек чекори по полето,
како есента е студен,
како есента е тажен.
Вербата во човештвото.
За мене тоа е света мисла.
Молчаливата тишина е како тага.
Не сум веќе тажен,
оти не мислам на себе.
Ако сега оваа „есенска“ песна ја поставиме до песната „Со работа градиме“, една од типичните Косовеловите песни за восхитеното есхатолошко поимање на иднината, ќе видиме уште потесна поврзаност на сеопштиот сјај и блескотење на поетовата верба во социјалното, дури социјалистички замислената колективна среќа во иднина. Светлината анимистички се однесува и не го само што го трансформира целиот космос туку и времето. Таа ја доведува и светлата иднина. Од една страна, светлината е моќта на преобликувањето, сила која доведува до сеопшта, но затоа апстрактна поврзаност во космосот, во просторот и во времето; од друга страна, таа е тула на материјалниот свет, материјата, средство на материјализацијата на апстрактниот идеен свет. Да ја прочитаме прво песната „Над реалноста“, која Оцвирк ја поставил во Додаток кон Интеграли, но на значајно, последно место во книгата. Песната гласи:
Над реалноста не се
поместуваат фантастичните сенки?
Тоа се сенки на темната модрина.
Белата порта води кон вечноста.
Би чукнал на неа и зачекорил
по меките килими
на кадифено модрото небо.

Белата порта ќе ја отворам,
ќе влезам во нова,
несовесна иднина.

Ќе дојдеш со мене, кусокоса?
Ќе дојдеш со мене?
Ќе дојдеш, о, ќе дојдеш со мене?

АвторМарија Митровиќ
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 51|