Сртот

И кога забележа дека очите ми се испакнати рече: „Бевме во ситуација или ние или тие. Двајца од десетмина. Ова е војна. Ајде да одиме“.
По речиси половина час, во кој продолживме одозгора да слушаме гневни извици и лаење, но кои не доаѓаа кон нас и кои навистина се оддалечуваа, стигнавме до дното на сртот и на патот. Камионот на Гиџо чекаше во близина, меѓу дрвјата. Грањола ги натовари Козаците во него. „Одам со нив, за да се осигурам дека ќе стигнат кај Бадолјаните“, рече тој. Се обидуваше да не гледа кон мене, се брзаше да ме види како заминувам. „Ти продолжи од овде, врати се дома. Беше цврст. Заслужуваш медал. И не мисли на останатите. Ти си ја заврши својата работа. Доколку некој е виновен за нешто, тоа сум само јас“.
Се вратив дома исцрпен и препотен, и покрај студенилото. Можеби добивав треска. Морам да признаам, морам да признаам, си велев.
Следното утро беше уште полошо. Морав да се разбудам околу вообичаеното време, а мајка ми не можеше да разбере зошто сум толку зашеметен. Неколку часа подоцна, Гиџо се појави во нашата куќа. Му сигнализирав да се сретнеме во лозјето. Не можеше ништо да скрие од мене.
Грањола ги придружувал Козаците до Бадолјаните и се вратил со Гиџо и камионот во Солара. Бадолјаните им рекле дека нема ноќе да се движат невооружени, слушнале дека одред на Црните бригади заминал во Солара за да им помогне на другарите. Му дале пушка на Грањола.
Патувањето до и од крстосницата на Вињолета траело околу три часа. Камионот го вратиле на фармата на Барчели, а потоа пеш продолжиле по патот до Солара. После сета напнатост се обиделе да се охрабрат меѓусебно, тапкајќи се по раменици, и биле звучни. Така, не успеале да забележат дека мажи од Црните бригади се скриле во ровови и ги заробиле, на едвај два километри од градот. Со себе имале оружје кога биле заробени и не можеле да им се оправдаат. Биле фрлени во камион. Имало само пет фашисти, двајца напред и двајца одзади кои гледале во нив, а еден стоел на предниот браник, за да подобро да гледа во маглата.
Фашистите не се мачеле да ги врзуваат, бидејќи двајца од нив кои ги чувале седеле со пушки преку колена, а Гиџо и Грањола биле кутнати на подот како вреќи. Во одреден момент, Гиџо слушнал чуден звук, како кинење на ткаенина и почувствувал леплива течност која му прснала кон лице. Еден од фашистите слушнал гушење, вклучил светло и тука бил Грањола, со хируршкиот нож в раце, и со пресечено грло. Двајцата фашисти почнале да пцујат, го застанале камионот и, со помош на Гиџо, го извлекле Грањола на едната страна од патот. Бил веќе мртов, или речиси, прскајќи крв насекаде. Дошле и другите тројца и сите се обвинувале меѓу себе, велејќи дека не смеел да испушти душа туку така, бидејќи командата сакала да го натера да зборува и оти сите тие ќе бидат уапсени затоа што се глупи и не успеале да ги врзат заробениците.
Додека викале над телото на Грањола, во еден момент го заборавиле Гиџо и тој, во миг на збунетост, помислил, сега или никогаш. Поминал преку ровот, знаејќи дека зад него има стрмна падина. Испукале неколку куршуми, но тој веќе се стркалал до дното на ровот како лавина, а потоа се скрил зад некои дрвја. Во маглата, бил како игла во грст сено, а фашистите не биле многу заинтересирани да прават голем проблем од сето тоа, бидејќи веќе било очигледно дека мора да го сокријат телото на Грањола и да одат назад во командата, преправајќи се дека не заробиле никого таа ноќ, со цел да избегнат проблеми со своите надредени.
Утрото, откако Црните бригади заминале за да се сретнат со Германците, Гиџо зел неколку пријатели на местото на трагедијата и, откако извесно време ги пребарувале рововите, го пронашле Грањола. Свештеникот од Солара не дозволувал трупот да се внесе во црквата, бидејќи Грањола бил анархист и досега се разбрало дека е самоубиец, но Дон Коњасо рекол да го донесат во малата црква во Ораторио, затоа што Господ ги знаел вистинските правила, подобро од неговите свештеници.
Грањола беше мртов. Ги спаси Козаците, ме врати безбедно и умре. Совршено добро знаев како се случи тоа, тој многупати претскажуваше сè. Беше кукавица и се плашеше дека ако го малтретираат ќе прозбори, ќе спомне имиња, испраќајќи ги своите другари во смрт. Тој умре за нив. Туку така, крц, како што бев сигурен дека направил и со двајцата Германци, можеби еден вид на Дантеовска поетска правда. Храбрата смрт на еден кукавица. Плати за единствениот насилен чин во неговиот живот, на начин што се ослободи од грижата на совест што ја носеше со себе и, несомнено, беше неподнослива. Ги суреди сите: Фашистите, Германците и Господ, во еден замав. Крц.
Дури и во моите сеќавања маглата избледува. Сега ги гледам партизаните како триумфално влегуваат во Солара, а на 25 април доаѓа веста дека е ослободено Милано.
Луѓето ги окупираа улиците, партизаните пукаа во воздух, пристигнуваат качени врз камиони. Неколку дена подоцна, гледам војник, во зелено-жолта облека, пробивајќи се со велосипед меѓу костеновите дрвја. Ми става до знаење дека е Бразилец, а потоа среќно заминува за да го истражува своето егзотично опкружување. Дали со Американците и Британците имаше и Бразилци? Никој никогаш не ми го рекол тоа. Drôle de guerre (Лажлива војна).
Пристигнуваат вестите за капитулацијата на Германците. Хитлер е мртов. Војната е завршена. На улиците во Солара има голема забава, луѓето се гушкаат, а некои играат на звуците на хармониките.
Излегувам од трагедијата, опкружен со толпа среќни луѓе, со слика на двајца Германци како паѓаат во провалијата и на Грањола, невин и маченик, без страв, без љубов, без лутина.
Ми недостига храброст за да одам кај Дон Коњасо и да признаам … а и што да признаам?
Нешто што не направив, дури не го ни видов, но само сум го претпоставил? Немам за што да барам прошка, дури и не може да ми се прости. Доволно е некој да се почувствува проколнат за секогаш.

Од англискиот превод на Џефри Брук: Марина Тунева

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 55|