Сртот

Но, сега момците во Сан Мартино се опаметија. Забележувајќи дека сме дошле преку сртот, поставија стража кај отворот во ѕидот. Точно е дека можевме речиси директно да стигнеме до ѕидот пред тие воопшто да се свесни за нашето присуство, но само речиси: последните неколку метри беа на отворено, преку трње кое што го забавуваше нашето напредување, давајќи ѝ време на стражата да крене тревога. Тие беа подготвени на крајот на отворот со топчиња кал и ги фрлаа врз нас пред да успееме да стигнеме на патеката.
Се чинеше дека е срамно да се мачиме толку многу за да научиме како да се качуваме по сртот само за целосно да се откажеме. Сè додека Дуранте не рече: „Ќе се научиме да се качуваме во магла“.
Уште од рана есен, во тие делови имаше толку многу магла колку што човек може да посака. Во магливи денови, градот Солара исчезнуваше и единственото нешто што се појавуваше над сето тоа сивило беше кулата со ѕвоно во Сан Мартино. Да се биде во таа кула беше како да се биде во балон над облаците.
Качувањето по сртот кога имаше магла беше многу потешко отколку качувањето кога беше сончево. Навистина, требаше да се знае секој чекор напамет, да се биде во можност да се каже каде се наоѓа секое каменче, да се гледа крајот на густата трнлива шума, пет чекори (пет, не четири или шест) оттаму кон десно земјиштето нагло се спушта, кога ќе стигнеш до карпата ќе има лажна патека кон твојата лева страна и ако ја следиш ќе паднеш во бездна. И така натаму.
Правевме истражувачки прошетки кога беше ведро, а потоа една недела вежбавме со повторување на чекорите во нашите глави. Се обидов да направам мапа, како во авантуристичка книга, но половина од моите другари не можеа да ги читаат мапите. Лошо за нив, ја имав запечатено во мојот ум и можев да го поминам сртот со затворени очи, а одењето во магловита ноќ беше, всушност, истото нешто.
По многу вежбање, ја пробавме нашата прва експедиција. Којзнае како успеавме до врвот, но го сторивме тоа успевајќи во еден здив, а во дворот, кој сè уште не беше покриен со магла, беа тие, бидејќи во место како Сан Мартино или висиш таму или одиш в кревет после јадење супа од застоен леб и млеко.
Влеговме во дворот, добро им се нафрливме, ги исмевавме откако побегнаа кон нивните куќи и потоа се спуштивме назад, победоносно и триумфално.
После тоа ризикувавме со други ненадејни напади, а тие не беа во можност да постават стража, дури и кога беше мрачно, бидејќи повеќето од нив се плашеа од темнината, поради вештерките. Ние, кои што бевме од Ораторио, не се плашевме многу од вештерките, зашто знаевме дека половина од Аве Марија практично ќе ги парализира. Така правевме неколку месеци. Потоа ни досади: качувањето не ни беше повеќе предизвик, какво и да беше времето.
Беше недела напладне. Нешто се случуваше, секој знаеше за тоа: два германски авиони кои превезуваа војници пристигнаа во Солара; мажите го пребараа половина град и се упатија кон Сан Мартино.
Густа магла се спушти рано наутро, а дури и гласовите на врапчињата во гранките на дрвјата доаѓаа до нас како низ памучна волна. Требаше да се одржи погреб, но луѓето во поворката не се осмелуваа да излезат на патот кон гробиштата, а гробарот испрати порака дека нема никого да погребува тој ден, плашејќи се некој да не направи грешка спуштајќи го сандакот па и тој да падне в гроб.
Двајца мажи од градот ги следеа Германците за да откријат каде се упатиле и ги забележале како се движат бавно, со вклучени фарови, но навлегувајќи помалку од еден метар, пред да започнат да напредуваат кон Сан Мартино, а потоа запреле, не осмелувајќи се да продолжат. Секако, не со нивните камиони, бидејќи немале претстава кој се наоѓа на другата страна, на тоа стрмно извишување, и не сакале да се превртат кон провалијата, можеби дури и очекувале лажни свиоци.
Ниту, пак, се обиделе тоа да го сторат пешачејќи, не знаејќи што има таму. Сепак, некој им објаснил дека единствениот начин да се стигне до Сан Мартино е преку тој пат и по такво време не е возможно никој да пристигне на друг начин, поради сртот. Така, тие поставиле пречки на крајот на патот и чекале таму, со вклучени фарови и кренати пушки, така што никој не можел да помине, додека еден од нив се довикувал на теренски телефон, најверојатно барајќи засилување. Нашите информатори рекоа дека го слушнале како многупати повторува „волсунде, волсунде“. Грањола веднаш објасни дека тие сигурно прашувале за Волфсхунде, што е германски овчар.
Германците чекале таму и околу четири часот попладне, кога сè уште не било ниту темно ниту светло, забележале како некој доаѓа надолу, на велосипед. Тоа бил парохискиот свештеник на Сан Мартино, кој патот го користел којзнае колку години и дури можел да се симнува кочејќи со нозе.
Здогледувајќи го свештеникот, Германците се воздржале од пукање, бидејќи, како што откривме подоцна, тие не барале свештеници, туку Козаци. Свештеникот, повеќе со мимика отколку со зборови, објаснил дека човек умира на фарма близу Солара и повикал на голема солидарност (им ги покажал неопходните работи во торбичка прицврстена на воланот), а Германците му поверувале. Му дозволиле да помине, а свештеникот стигнал во Ораторио за да си дошепнуваат со Дон Коњасо.
Дон Коњасо не беше човек кој што сака да се меша во политика, но знаеше што е што и, со само неколку зборови, на свештеникот му рекол да го извести Грањола и неговите пријатели за она што требало да се каже, бидејќи самиот тој не може и не би сакал да се вмеша во такви работи.
Група млади мажи брзо се собраа околу масата за играње карти, а јас се пикнав меѓу последните неколкумина, свиткувајќи се малку за да не бидам откриен.
Според свештеникот, постоел мал одред Козаци во германските трупи. Тие биле заробени како затвореници на рускиот фронт, но, од причини разбирливи само за нив, Козаците биле за Сталин, а голем дел од нив биле убедувани (мотивирани со пари, поради омраза кон Советите, поради желба да не гнијат во затворскиот камп или дури и поради можноста да го напуштат својот советски рај, земајќи со себе коњи, запрежни коли и своето семејството) да се пријават како платеници. Повеќето се бореле во источните области, како Карнија, каде што многумина стравувале од нивната издржливост и свирепост.
Но, во регионот Павија имаше и единица на Туркменци, кои луѓето ги нарекуваа Монголи. Околу Пједмонт, заедно со партизаните, лутаа и поранешни руски затвореници, ако не беа, всушност, Козаци.
Сите веќе знаеја како ќе заврши војната, а освен тоа, осумте Козаци за кои што стануваше збор беа мажи со религиозни принципи. Откако виделе два или три изгорени града и дузина обесени сиромашни луѓе и откако двајца од нив беа егзекутирани затоа што одбиле да пукаат кон стари лица и деца, тие одлучиле дека повеќе не сакаат да останат со СС бригадите. „Не само тоа“, објасни Грањола, „но, доколку Германците ја изгубат војната, а веќе ја губат, што ќе направат Американците и Англичаните? Ќе ги фатат Козаците и ќе им ги предадат назад на Русите, нивните сојузници. Во Русија овие момци ќе бидат ликвидирани. Тие сега се обидуваат да им се придружат на сојузниците, и така, после војната, ќе им биде овозможено да избегаат некаде, пред шепите на фашистот Сталин“.
„Навистина“, рече свештеникот, „овие осуммина слушнале за партизаните, кои се борат со Англичаните и Американците, и се обидуваат да стигнат до нив. Имаат свои идеи и се добро информирани: не сакаат да му се приклучат на Гарибалдини; сакаат да бидат со Бадолјаните“.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 55|