Сртот

Еднаш го прашав зошто дошол во Ораторио, со оглед на тоа што сите велеа дека бил атеист. Ми рече дека е тоа единственото место каде што би можел да најде луѓе. Освен тоа, не беше атеист, туку анархист. Во тоа време не знаев кои се анархистите, а тој ми објасни дека тоа се луѓе кои сакаат слобода, без господари, кралеви, држава и попови. „Згора на сè, без држава, не како оние комунисти во Русија, каде што државата дури им кажува кога мора да вршат нужда“.
Го прашав зошто се поврзал со Гарибалдинците, коа беа комунисти, кога тој е против комунистите. Одговори дека, прво, не сите Гарибалдинци се комунисти, меѓу нив имало и социјалисти, па дури и анархисти и, второ, дека непријатели во моментот се нацистичките фашисти и нема време за ситничарење. „Прво, ќе победиме заедно, а подоцна ќе се справуваме со нашите разлики“.
Потоа додаде дека во Ораторио дошол бидејќи е добро место. Свештениците биле како Гарибалдинци, злобници, но меѓу нив имало и луѓе достојни за почит. „Особено во вакви времиња, кога којзнае што може да им се случи на овие деца, кои до лани беа подучувани дека книгите и пушките прават одлични фашисти. Во Ораторио, барем, не ги пуштаат кај кучињата и ги учат да бидат пристојни, дури и доколку дигаат голема врева околу мастурбирањето, но тоа не е важно, бидејќи и бездруго тоа го правите сите и мора подоцна да го признаете. Така, дојдов во Ораторио и му помагам на Дон Коњасо да ги натера децата да играат. Кога одиме на миса, седнувам мирно во задните редови во црквата, бидејќи го почитувам Исус Христос, и покрај тоа што не го почитувам Господ“.
Грањола и јас зборувавме за сè и сешто. Му раскажував за книгите што ги читав, а тој страсно разговараше за тоа. „Верн“, ќе речеше, „е подобар од Саљари, бидејќи е понаучен. Сајрус Смит, кој произведува нитро-глицерин, е пореален отколку Сандокан, кој си ги растргнува градите со ноктите само поради тоа што се залетал по некое 15-годишно курвиче“.
Грањола ме учеше за Сократ и Џордано Бруно. И за Бакуњин, за чија работа и живот знаев многу малку. Ми кажуваше за Кампањела, Сарпи и Галилеј, кои биле затворани или малтретирани од свештениците затоа што се обидувале да шират научни принципи, како и за некои што самите си ги отсекувале грлата, како Ардиго, бидејќи претпоставените и Ватикан го спречувале нивниот развој. Откако го прочитав воведот за Хегел („Емин, германски филозоф од пантеистичката школа“) во енциклопедискиот речник Новисимо Мелци, го прашав Грањола за него. „Хегел не бил пантеист и твојот Мелци не ги познава работите. Џордано Бруно можеби бил пантеист. Пантеистот верува дека Господ се наоѓа насекаде, дури и во делче од мувата, ако погледнеш таму. Можеш да замислиш колку задоволувачки е тоа, да се биде секаде е како да се биде никаде. Така, според Хегел државата, а не Господ, е таа што требало да биде насекаде; според тоа, тој бил фашист“.
„Но, нели тој живеел пред повеќе од стотина години?“
„Па, што? Јованка Орлеанка, исто така фашист од најголем ред. Фашистите постоеле отсекогаш. Уште од времето на… од времето на Господ. Еве, и Господ е фашист“.
„Но, дали не си од оние атеисти кои велат дека Господ не постои?“
„Кој го рече тоа? Дон Коњасо, кој не може да ги сфати ниту најтривијалните работи? Верувам дека, за жал, постои Господ. Само што тој е фашист“.
„Но, зошто Господ е фашист?“
„Слушај, премногу си млад за да ти давам часови по теологија. Ќе започнеме со она што го знаеш. Изрецитирај ми ги десетте божји заповеди, како што Ораторио те тера да ги запаметиш“.
Ги изрецитирав. „Добро“, рече тој. „Сега обрни внимание. Меѓу тие десет заповеди, размисли, има само четири што промовираат добри нешта, па дури и тие…, но ајде, да ги разгледаме. Не убивај, не кради, не сведочи лажно и не ја посакувај жената на ближниот. Последната е заповед за мажите кои што знаат што е чест: од една страна, не ги изневерувај твоите пријатели и, од друга, обиди се да го заштитиш своето семејство, а јас можам да живеам со тоа; анархијата, исто така, настојува да се ослободи од семејствата, но не може да имаш сè одеднаш. А, за другите три, се согласувам, здравиот разум би требало да ти го каже тоа во најмала рака. А дури и тогаш мораш да вреднуваш; сите ние понекогаш кажуваме лаги, најверојатно и со добри цели, додека убивањето, не, тоа не смее да се прави, никогаш“.
„Дури и доколку Кралот те испрати во војна?“
„Е, тука е трикот. Свештениците ќе ти кажат дека доколку Кралот те испрати во војна, навистина, можеш да убиваш. И одговорноста лежи кај Кралот. Ете, како тие ја оправдуваат војната, што е гнасна бруталност, особено доколку Големата глава е тој што те праќа. Но, забележи, заповедите не велат дека е во ред да се убива во војна. Тие велат не убивајте, точка. А, после…“
„После?“
„Ајде да ги погледнеме другите заповеди. Првата заповед вели дека не треба да имаш друг Господ пред него. На тој начин Господ те спречува да размислуваш, на пример за Алах или Буда или можеби и за Венера и, да бидеме искрени, воопшто немаше да биде лошо да се има такво парче како своја божица. Но, тоа значи и дека не треба да веруваш во филозофија, на пример, или во наука, или да се добиваат какви било идеи околу потеклото на човекот од мајмуните. Само Тој, тоа е тоа. Сега, обрни внимание, бидејќи сите други заповеди се фашистички, смислени за да те принудат да го прифатиш општеството такво какво што е. Дали ја паметиш онаа за прогласување на Сабат за свет ден? Што мислиш за тоа?“
„Па, во основа се вели дека во недела треба да се оди на миса, што има погрешно во тоа?“
„Тоа е она што ти го кажува Дон Коњасо и, како и сите свештеници, тој не го знае првото нешто во врска со Библијата. Разбуди се! Во примитивно племе, како она кое што Мојсеј го повел со себе, ова значело да ги почитуваш обредите и нивната цел, од жртвување на луѓе до собирите на Големата глава на Плоштадот Венеција, за да се зашеметат човечките умови! И после? Почитувај ги татка си и мајка си! Да се почитуваат таткото и мајката значи да се почитуваат идеите на постарите, да не се спротивставуваш на традицијата, да не помислиш да го менуваш начинот на живеење на племето. Гледаш? Не ја сечи главата на Кралот, иако, Господ знае, да имавме глава на нашите рамена требаше да го направиме тоа, особено со крал како кепецот Савој, кој ја предаде својата армија и своите војници ги испрати во смрт. Сега, дури, гледаш дека и „Не кради“ не е баш заповед каква што се чини дека е, бидејќи ти наредува да не допираш туѓа сопственост која што припаѓа на човек кој се збогатил крадејќи од тебе. Камо да завршеше сè овде. Останаа три заповеди. „Не прави прељуба“. Светскиот Дон Коњасо би те натерал да поверуваш дека оваа заповед значи „Не прави нечисти дела“ и нејзината единствена цел е да те спречи да мавташ со тоа што ти виси меѓу нозе, но да се извлекува од камените плочи на кои се запишани заповедите заради повремено мастурбирање се чини дека е премногу. Што треба да прават мажите како мене, грешка? Таа прекрасна жена, мајка ми, не ме направила прекрасен и сум сакат, а никогаш не сум допрел жена која е жена и тие сакаат да ми го забранат дури и тоа ослободување?
„Господ, на пример, би можел да каже, ‘Можеш да дупиш, но само за да правиш бебиња’, особено во тоа време кога немало доволно луѓе во светот. Но, Десетте заповеди не го велат тоа. Значи, од една страна, можеш да ја посакаш жената на твојот пријател, а на друга, не смееш да правиш нечисти чинови. Кога дупењето е дозволено? Мислам, навистина, се обидуваш да правиш закон што ќе функционира за сиот свет, а Римјаните, кои не биле Господ, правеле закони кои што сè уште имаат смисла денес, но Господ исфрла заповеди кои не ти ги кажуваат ни најважните работи?

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 55|