Сртот

Тие дезертирале, којзнае каде, потоа се упатиле кон Солара едноставно поради тоа што некој им рекол дека Бадолјаните биле во реонот. Пешачеле со километри, далеку од патиштата, движејќи се само ноќе и двојно повеќе за да стигнат каде било, но СС-овците им биле зад петици и чудно е како успеале да стигнат до нас, просејќи храна на попатни фарми, комуницирајќи на најдобар начин на кој што можеле (и покрај тоа што сите површно зборувале германски, само еден знаел италијански) и секогаш биле соочени со ризикот да налетаат на луѓе кои можеле да бидат шпиони.
Ден претходно, согледувајќи дека СС се на чекор да ги уловат, отишле во Сан Мартино, мислејќи дека оттаму ќе можат да го разбијат баталјонот за неколку денови и, најпосле, би можеле и да загинат јуначки.
Некој, исто така, им кажал дека таму горе живеел извесен Талино и познавал некого кој би можел да им помогне. Во тој момент биле очајна група. Во Сан Мартино стигнале откако паднал мрак и го пронашле Талино, кој, сепак, им рекол дека таму живее фашистичко семејство и дека, во село што е толку мало, тајните не траат долго време. Единственото нешто што можел да го смисли е да побараат засолниште во парохијата. Свештеникот ги внесол, не поради политички причини или, пак, дури и поради неговата добрина, туку затоа што сфатил дека ако им дозволи да лутаат наоколу би било полошо отколку да ги крие. Но, не можел да ги држи долго. Немал доволно храна за осуммина и бил безумно исплашен, бидејќи доколку пристигнеле Германците не би губеле време и би ја пребарале секоја куќа, вклучувајќи ја и парохијата.
„Момци, обидете се да разберете“, рече свештеникот. „Сите сте го прочитале Манифестот на Кеселринг, таму има сè. Доколку најдат некој од тие мажи во која било куќа, ќе го запалат градот и, што е полошо, ако еден од нив пука кон Германците ќе нè убијат сите нас“.
За жал, ние навистина го имавме видено Манифестот на Маршал Кеселринг, а дури и без него знаевме дека СС не се многу фини и дека веќе имаа запалено неколку града.
„И што?“, праша Грањола.
„Така, гледајќи дека оваа магла, по божја милост, се спушти над нас и забележувајќи дека Германците не ја познаваат областа, мора да дојде некој од Солара и да ги прибере оние благословени Козаци, да ги води назад и да ги донесе кај Бадолјаните“.
„А, зошто некој од Солара?“
„Да бидам искрен, прво, бидејќи ако зборувам за ова со кого било во Сан Мартино ќе почне да се шири зборот, а во вакви времиња колку помалку зборови, толку подобро. Второ, затоа што Германците го затворија патот и никој не може да ја користи таа маршрута. Според тоа, единственото нешто што преостана е да се оди преку сртот“.
Слушајќи како се споменува сртот, сите мажи рекоа „Што, зарем ви се чиниме луди? Во таква магла? Зошто другарите на Талино не го сторат тоа?“, и слични работи. Но, проклетиот свештеник, потсетувајќи ги дека Талино има осумдесет години и не може да се симне од Сан Мартино дури и во најсончеви денови, додаде „Единствените луѓе кои знаат како да стигнат преку сртот, дури и кога има магла, се момчињата. Ја научија таа ѓаволштина за да прават несмасни работи, тогаш дајте еднаш да ја искористиме нивната дарба за добро дело. Доведете ги Козаците назад со помош од некое од момчињата“. Јас велам дека ова беше одмазда за заканите што им ги правевме ние, момчињата, од Ораторио.
„Исусе“, рече Грањола, „дури и да е точно тоа, што би им правеле штом ќе ги симнеме долу, држете ги во Солара за во понеделник наутро да бидат пронајдени меѓу нас, наместо меѓу вас, а Германците нека го запалат нашиот град за возврат?“
Во групата беа Стивулу и Гиџо, двајца мажи кои имаа врски со Отпорот. „Смирете се“, рече Стивулу, поостриот од нив. „Во овој момент, Бадолјаните се во Орбењо и ниту СС ниту Црните бригади ги допреле со рака таму, бидејќи остануваат на повисоко и ја контролираат речиси целата долина со тие англиски автоматски пушки, кои имаат страшна моќ. Од овде до Орбењо, дури и во оваа магла, за некој како Гиџо, кој го познава патот, доколку го искористиме камионот на Берчели кој има специјални светла за магла, тоа ќе биде двочасовно патување. Да продолжиме и да речеме три часа, бидејќи веќе паѓа мрак. Сега е пет, Гиџо ќе стигне до осум, ќе ги предупреди, ќе се симнат по пократкиот пат и ќе чекаат кај раскрсницата Вињолета. Потоа, камионот ќе биде овде до десет, да поместиме да речеме и до единаесет, и ќе се крие во дрворедот на почетокот на сртот, во близина на малата капела на Богородица. Еден од нас, после единаесет часот, ќе се качи на сртот, ќе ги земе Козаците од парохијата, ќе ги качи во камионот и, пред да се раздени, момците ќе бидат со Бадолјани“.
„И, ќе поминеме низ сета бесмислица, ризикувајќи ги нашите глави, за осум мамлуци или монголи, што и да се, кои беа со СС сè до вчера?“, праша еден маж со црвена коса, чие име, мислам, беше Миљавака.
„Еј, другар, овие момци ги променија нашите умови“, рече Грањола, „а, тоа е веќе добро нешто, но тие се и осум јаки мажи кои знаат како да пукаат и затоа се корисни. Останатото се само гомненици“.
„Тие се корисни за Бадолјани“, извика Миљавака.
„Бадолјани или Гарибалдини, сите се борат за слобода и, како што се вели, сметките ќе бидат израмнети подоцна, а не порано. Мораме да ги спасиме Козаците“.
„И ти си во право. И, најпосле, тие се советски државјани, значи припаѓаат на големата татковина на социјализмот“, рече човек по име Мартинењо, кој што не знаеше многу за цело тоа менување на расположението. Но, ова беа месеци кога луѓето правеа секакви нешта. На пример, Џино, кој беше во Црните бригади и еден од најголемите фанатици во тие редови, подоцна побегна за да им се придружи на партизаните и се врати во Солара носејќи црвена марама. Но, тој беше импулсивен и се врати тогаш кога требаше да биде настрана, за да се запознае со девојка, а Црните бригади еден ден в зори го заробија и го убија во Асти.
„Накратко, тоа може да се направени“, рече Грањола.
„Но, има уште еден проблем“, рече Миљиавача. „Дури и свештеникот рече дека само децата знаат како да се качат по сртот, а јас не би вклучил дете во една таква сложена ситуација. Настрана вашите проценки, но децата ќе одат наоколу и ќе брборат за тоа“.
„Не“, рече Стивулу. „На пример, земете го Јамбо, никој од вас дури не го ни забележал, но тој слушна сè. Јамбо на прсти го познава сртот, а има добра глава на рамениците и, згора на тоа, не е од оние што зборуваат. Се обложувам во мојот живот а, освен тоа, сите во неговото семејство се на наша страна, па не се соочуваме со никаков ризик“.
Се препотив и почнав да кажувам дека е премногу доцна и дека ме очекуваат дома.
Грањола ме повлече настрана и ми изнакажа купче добри зборови. Дека тоа било во име на слободата; за да се спасат осум кутри несреќници, дека дури и момчињата на моја возраст можат да бидат херои; дека, најпосле, сум се качувал по сртот многу пати и овојпат не би било ништо поразлично од другпат, освен што осум Козаци ќе се симнуваат зад мене и треба да бидам претпазлив да не ги изгубам; дека Германците, за секој случај, се далеку оттаму, чекајќи на крајот на патот како тапоглавци и немаат поим што значи сртот; дека ќе дојде со мене иако е болен, бидејќи не можеш да го свртиш грбот кога должноста те повикува; дека не би оделе во единаесет туку на полноќ, кога сите кај мене дома веќе спијат и јас би можел да се извлечам без да бидам забележан, а следниот ден тие ќе ме видат назад в кревет како ништо да не се случило. И така натаму, ме хипнотизираше.

2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 55|