Извадок од романот „Учител на љубовта“

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Извадок од романот „Учител на љубовта“

Извадок од романот „Учител на љубовта“

Еднаш тато и јас, заедно со столарот чичко Јан, отидовме по чичко Лојзе. Не требаше долго да го наговараме и тој да дојде на основачкото собрание на планинарското друштво кое се одржуваше во крчмата „Ловец“ и после кое, како што беше наведено во поканата, следуваа: пиење, ражен и лотарија. Чичко Јан, Чех од околината на Брно, кому, често препиен, циркулар му ги имаше скратено сите прсти, на обете раце, до половина, но тој и понатаму остана мајстор над мајсторите, познат како молчелив и вечно насмевнат, во куќата на чичко Лојзе стана уште помолчалив и уште позагадочно насмевнат. Се вртеше околу себе, кокорејќи ги очите и повеќе од мене, кога првпат го пречекорив прагот на чичко Лојзе. Забораваше и на пиењето, кое тато и чичко Лојзе, постојано чукајќи се, го испиваа едно по друго, така што тие двајца и пред тргнувањето се поднапија.

Тато и чичко Лојзе на патот до „Ловец“, низ црна темница, се сопнуваа на секое камче. Се нишаа и, прегрнати, со раштимувани гласови не пееја, туку завиваа. Собранието го преспаа. А кога масите ги споија и стигна пијалак во огромни количества и купишта месо, иако брзо пиеше, чичко Јан не можеше да ги стигне.

Тато и чичко Лојзе, стар уигран пар, му се навртеа на добродушниот и наивен чичко Јан. Не им одмина неговата зачуденост и збунетост од виденото во куќата на чичко Лојзе. И почна сурова игра. Го прашуваа дали го видел ова и дали го видел она. И она кое го имаше и она кое го немаше во куќата и околу куќата. А тој само потврдно кимаше со главата и ги развлекуваше усните во сè поширока насмевка, од која ми се чинеше дека устата, на краевите, ќе му се расцепи и од пукнатините ќе шибне крв. А кога ги изредија сите необични изуми на чичко Лојзе со кои беше полна неговата куќа, и уште понеобичните негови замисли и планови, за кои зборуваа како за веќе остварени, им се разигра нескротливата фантазија. „Виде ли, во градината, под прозорецот, огромна главица салата, чиј секој лист е поголем од чаршаф?“. И чичко Јан потврдно кимна со главата. „Тоа е од музика. Класична. Секое утро го отворам прозорецот, на грамофонот ставам плоча и пуштам до крај“, објаснуваше чичко Лојзе. „Дали осети нешто необично во воздухот, додека седевме во кујната?“. И чичко Лојзе повторно потврдно кимна со главата. „Во аглите на кујната инсталирав распрснувачи на млеко. Кај мене просто дишеш и, истовремено, пиеш млеко во прав“, продолжуваше да ги дава своите стручни одговори чичко Лојзе. И продолжи да измислува и да лаже. Да соли, а тато да досолува.

Јас им помагав. Го одвртев капачето на соларникот и кога чичко Јан сакаше да ја посоли киселата чорба, специјалитет на, особено во доцните ноќни часови, готвачот на крчмата „Ловец“, сета сол му се истури во чинијата. Исто беше и со биберот. Од потврдување со кимање на секое прашање од чичко Лојзе и тато, на кои им ги придружуваа своите прашања и останатите од веселото друштво, чичко Јан тоа и не го забележа. Во еден миг, кога изгледаше дека главата, стежната од пиење, ќе му падне во чинијата од кој што се чадеше, тресна со раката по масата и се развика, првпат од кога го памтат: „Ни пола од тоа не е вистина!“. Ја принесе кон устата лажицата со пресолена и прекумерно забиберена чорба, ги ококори водесто сините очи, се зацрвени во лицето како пиперка, ја стави раката на уста, се крена, туркајќи го столот и потрча кон излезот.

На пол пат, среде крчмата, утробата му се преврте. Го поврати не само она кое го јадел и пиел таа вечер, туку и она кое го јадел и пиел неколку дена порано.

Некој рече: „Ниеден клозет не е далеку, ако на време се тргне“. Не знам кој.

Низ крчмата почна да се шири силна киселкава смрдеа, од која почна да повраќаат и останатите, не престанувајќи да се смеат. Оние кои не можеа да повратат, ставаа прст в уста. Самите себеси или на оној крај себе. Тато, кој се превиткуваше од смеа и чичко Лојзе, и понатаму со сериозно лице, прво еден со друг силно се тапкаа по рамо, се гушкаа и се бакнуваа, а потоа и тие почнаа да повраќаат. Уста на уста.

Таа ноќ, често сеќавајќи се на неа и повторувајќи ги зборовите на чичко Јан: „Ни пола од тоа не е вистина“, а не сеќавајќи се дали лотарија воопшто имаше, а и ако имаше, кој и што на неа добил, многумина во Завидовиќи, со години, ја нарекуваа ноќта на големото повраќање.

 

Превод од хрватски: Игор Исаковски

АвторЈосип Ости
ПреводИгор Исаковски
2021-08-17T20:58:28+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|