Извадок од романот „Учител на љубовта“

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Извадок од романот „Учител на љубовта“

Извадок од романот „Учител на љубовта“

Често се прикрадував сè до оградата на таа чудесна градина и долго ја гледав, не можејќи да се нагледам и да се начудам. А до неа се одеше преку пругата. Делумно, по патот кој водеше до школото, во кое, додека воспалението на белите дробови не ме прикова за постела, ме следеше мојата сива мачка, останувајќи кај рампата, каде што, не смеејќи да мине преку шините, при враќањето од школо ме чекаше. Потоа, по уште поголема нагорнина, крај црквата и гробиштата, од каде што, зиме, се спуштавме со санки сè до пругата.

Неколку пати со тато одев во градината на чичко Лојзе, низ портата која, не знам како, сама од себе се отвораше и затвораше и, во придружба на неговиот германски овчар Сократ, кој на уво ми збивташе, како нешто важно да ми шепоти, влегував во неговата куќа во која имаше и многу повеќе чуда отколку околу неа. Насекаде по подот имаше жици. Насекаде нешто се мрдаше и светкаше. Со притискање на копчиња и некакви лостови, сè се отвораше и затвораше, се креваше и спушташе, се палеше и гаснеше. Куќата на мајсторот чичко Лојзе беше налик на хаотичен ред на внатрешноста на радиото кое неодоливо ме привлекуваше. Но на мене најсилен впечаток остави елката, кја во неговата куќа беше накитена во текот на целата година, полна со украси кои самиот ги направил и сета во разнобојни трепкави светилчиња. А најмногу сакав, додека тој и тато и седеа на масата и налеваа и одлеваа една чаша по друга, да седам на подот, врз мечкината кожа и да претурам низ картонското куферче, со агли опковани со метал, во кое имаше фотографии и разгледници.

Во тоа, за мене волшебно куферче, покрај останатото, имаше исечена фотографија од сараевската катедрала, објавена во списанието Дом и свет, во 1889 година, под која на словенечки пишуваше: Предна фасада на соборната црква Срце Исусово во Сараево. А на мојата крштеница, која мама ја чуваше во бела платнена торба на дното на орманот, низ која сакав да претурам кога никого, барем на кратко, немаше дома, под: Надбискупија врхбосанска, пишуваше: жупанска канцеларија на Срце Исусово, а на дното, со лилаво мастило, со ракопис сличен на татиниот, потпишан Серафим Т., воен декан. На една окереста фотографија, со изабени рабови, беа, според сличноста, родителите на чичко Лојзе. Седат еден до друг. Татко му бил на негови години, или дури и помлад. Со раката ја прегрнал жената, која мора да била мајката на Лојзе, зашто, како и таа, имаше долг и рамен нос, дебели, сочни усни и тенки, извиени веѓи. Фотографијата ја фатила и ја сочувала нивната повеќекратна неугодност. Се гледаше дека облеката во која се не е секојдневна, туку свечена. Онаа која со нафталин се штити од молци, еднаш годишно се проветрува и се облекува само при исклучителни поводи. За свадби и погреби. Во која ни себеси не си личат на себе. Како што се гледаше дека машката груба рака, нежно префрлена преку рамото на жената, во присуство на фотографот, предизвикува взаемен притаен срам. А, покрај тоа, во очите им се читаше страв од, веројатно, првото фотографирање. Како што сличен страв се гледаше во очите на момчето, Лојзе или некој од неговите бројни браќа, меѓу нив двајца, нешто постар, а во иста облека, на фотографијата, снимена, во почетокот на векот, во ателјето на Алоис Бер, во Клагенфурт. Сликата, со формат на разгледница, на која, среде Љубљана, е собрана маса луѓе. Во чие дно, на словенечки, со треперлив ракопис од основно училиште, со покрупни букви, беше напишано: Основање на Југославија – 29 X 1918, а одоздола, лево: Фото Фр. Грабиц – Љубљана, десно: Забрането умножување. Главата на еден од бројните непрепознатливи знаменосци во првите редови, заокружена со црвен молив. Снежна пустина и нечии стапки низ пртината, а и тие завеани со нов снег. Полуакт на жена чие лице втонало во темнина од која се појавуваат само нејзините облини. Според големината на градите, на кои брадавиците беа како две црквички на два соседни брега, претпоставував дека тоа е Лили на чичко Лојзе…

Црно-бели и колор разгледници. Зеница – Болница Угљане, Фотографија и печат: Адолф Вајс, датирана во почетокот на април 1920-та. Јајце, водопад, средина на јули истата година. Травник, некој ден подоцна, печат: Ф. Липски, од која не е симната марката, на која со латиница и кирилица пишува: Држава СХС. Дописна картичка: Мостар, со многу поздрави и бакнежи од нечиткиот потписник, 1923-та. Неколку сараевски панорами, од тоа време. Апеловиот брег со градското собрание. Палата на зем. заповедник… Сè во печат на Симон Катан, Сараево…

Стари банкноти. Безвредни вредносни хартии. Обврзници за заем во ФНРЈ…

АвторЈосип Ости
ПреводИгор Исаковски
2021-08-17T20:58:28+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|