Извадок од романот „Учител на љубовта“

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Извадок од романот „Учител на љубовта“

Извадок од романот „Учител на љубовта“

Мајсторот чичко Лојзе секогаш одеше со високо крената глава. Не гледаше пред себе, во земјата, како што нè учеа, за нешто да не згазнеме, да не се сопнеме и да паднеме, туку во небото. Како непрестајно да ги пребројува белите јагниња на облаците. Или, кога над него беше чисто синило или потполно сивило, како налик на внимателен овчар, да трага по загубеното стадо. Висок и слаб, со бушава навиткана коса, со округли очила, со голема диоптрија, кои го приближуваа и зголемуваа она кое го гледаше, а ги оддалечуваа и смалуваа неговите водести очи кои, за оној кој го гледаше, стануваа две далечни црни треперливи точкички, одеше така по улиците и околните, полски и шумски патчиња. И кога имаше соговорник, а и кога одеше сам, заборувајќи самиот со себе како со некого да се пречка.

Беше гологлав, среде лето и среде зима, на дожд и на снег. Во секогаш истото, старо и излижано темно одело, кое се закануваше секој миг да прогледа на ракавите и колениците, но и во, секогаш чиста, снежнобела кошула. И со врска пеперутка. Во таа селендра, како што Завидовиќи го нарекуваа оние, како и моите, во него дошле од некој поголем град, беше единствен кој носеше врска пеперутка. Токму таа најмногу му го даваше господскиот изглед кој го одвојуваше и разликуваше од другите. Тој впечаток не го смалуваше ни неговото секогаш погрешно закопчано палто, често раскопчаниот шлиц и не ретко обуени чорапи со различна боја. На него и во врска со него сè беше необично.

Според приказната на мојот татко, кој добро го познаваше, зашто биле, како што велеше мама, како шипка и тапан и им личеа, едниот висок и слаб, како колец за грав, другиот низок и дебел, како топка, на оние кои гледаа филмови, на Пат и Паташон, а на оние кои читаа книги на Дон Кихот и Санчо Панса, мајсторот чичко Лојзе бил од многучлено сиромашно словенечко семејство од Корушка. Го дала, за што побрзо да стигне до парче леб, во семинарија. Но никогаш не станал свештеник. Се вљубил во Лили, која носела градник број шест, како што нагласуваше тато, на прв поглед и до уши. Како и таа во него. Се сретнале при неговата прва посета на виенска јавна куќа, од која излегле прегрнати, за таа веќе никогаш таму да не се врати, како ни тој во семинаријата. А љубовта кон изумителството, на кое, уште од мали нозе, му го посветувал сето свое време и сите свои мисли, била посилна и од љубовта кон Лили, со која, во првата повоена година, допатувал во Завидовиќи, а не долго потоа, без никој да чуе еден на друг да си кажат и еден единствен грд збор, ја испратил до железничката станица. Се бакнале како да се сретнале, а не како да се разделуваат. Тој и’ помогнал да зачекори на високото скалило од вагонот, а кога возот тргнал, што можат да го посведочат сите кои тогаш се затекнале на станицата, било некого да испраќаат или да дочекуваат, еден на друг, со солза в око, долго си мавтале. Лојзе со крената рака стоел на пустиот станичен перон и кога возот со Лили му исчезнал од вид. Од тогаш живее сам во куќа на страна, на рид, околу која има голем овоштарник. И од тогаш, според зборовите на едни, почнал да пие или, според зборовите на други, не престанувал да се трезни.

Мајките, кога минуваше по улицата, пеш или на велосипед, на кој се возеше, по сопствено признание, кога беше толку пијан што не можеше да стои на нозе, истрчуваа од куќите и ги прибираа ситните деца кои се тркалаа низ прашината, за некој, случајно, и којзнае со што занесен, да не ги нагази или згазне. Инаку, иако самиот немаше деца, ги сакаше децата, како што и ние децата го сакавме него. Го следевме, но не како останатите месни чудаци, скитници и просјаци, по кои, понекогаш, извикувавме најгрди зборови, па и камења фрлавме. Туку тивко, не сакајќи да му пречиме во неговите мисли и саморазговори. А кога ќе го спуштеше погледот и ќе нè здогледаше, трчавме кон него и весело го окружувавме.

И нас нè смееше. Некои сметаа дека тоа не му прилега на човек во негови години, иако беше тешко да се погоди колку години има. Зашто лицето му беше ту детско, ту старечко. Како и одот. Час брз и потскоклив, час бавен и тром. На велосипедот, со ногавици закачени со дрвени штипки за алишта, пак, беше, едноставно, акробат. Велосипедот под него кривулеше, опасно се навалуваше и потскокнуваше, но тој остануваше на седиштето, како најдобар јавач на родео во седлото и на најдивиот коњ. Нашата сосетка, тетка Ружа, гледајќи ги неговите егзибиции, знаеше да каже: „Подобро е да се биде среќен, отколку умен“. А мојата мама го бранеше, зашто тој беше единствениот пијаница кон кој имаше какви-такви симпатии, возвраќајќи: „Лојзе е поумен од сите нас заедно“. И никој не знаеше дали тој вози така зашто не може поинаку или, со тоа возење, како со многу други нешта, ги забавува децата и возрасните.

АвторЈосип Ости
ПреводИгор Исаковски
2021-08-17T20:58:28+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|